Откриена нова наколна населба во рамки на истражувањата спроведени во третата кампања од проектот „Погранични студии- Истражување на идентитетот и културните контакти во пограничната област на Античка Македонија во регионот на Охридското езеро
Во првите две кампањи од проектот се изврши рекогносцирање на населби и некрополи во Охридско-преспанскиот регион опфаќајќи ја охридската котлина северно од езерото (Струга и Охрид) како и преспанската котлина кои хронолошки припаѓаат на периодот од Бронзеното време па сѐ до потпаѓањето на овој регион под римска власт. Во третата кампања се вклучи и Геолошкиот истражувачки центар од Р. Чешка. Главата цел на геолошките истражувања беа да се реконструира пејсажот, да се истражат климатските промени како и животните навики на популацијата којашто го населувала специфичниот Охридски езерски регион во кој воедно се појавува и елитата која се погребувала на некрополата кај Требениште.
Со геолошките истражувања од оваа година уште во почетокот имавме одлични резултати. Откривме нова наколна населба досега непозната за археолошката јавност во нашата држава. Станува збор за палафитната населба кај месноста Даљан на брегот на Охридското езеро. Таа потекнува од крајот на бронзеното време т.е. од пред 3000 години. Со нејзиното откривање како и со останатите резултати кои ги добивме со архео-геолошките испитувања добивме сосема нова слика за минатото на овој значаен крајбрежен и археолошки богат регион. Со истражувањата беа земени и преку 100 примероци на почва, остатоци од дрва и друг органски материјал кои во рамките на проектот со модерни технологии ќе бидат направени најразлични анализи како: анализа на полен, анализа на макроостатоци, дендрологија и дендрохронологија, седиментологија, хемиска анализа на почва, датирање со изотоп C14 и биохемиски анализи. Со резултатите кои очекуваме да ги добиеме од овие анализи сметаме дека ќе можеме подетално да ја реконструираме археолошката слика на регионот во првиот милениум пред н.е.
Проектот веќе трета година се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Р.С.Македонија и на Карловиот универзитет од Прага.
Раководители на проектот се: м-р Перо Арџанлиев од НУ Археолошки музеј од Скопје, д-р Марек Верчик од Карловиот Универзитет од Прага, а со геолошките истражувања раководи д-р Јаромир Бенеш од Универзитетот на Јужна Бохемија од Чешко Будејовице, Р.Чешка