Проектот „Погранични студии-Истражување на идентитетот и културните контакти во пограничната област на Античка Македонија во регионот на Охридското езеро” се реализира веќе трета година во соработка на НУ Археолошки музеј на Р. Северна Македонија и Карловиот Универзитет од Прага, Р.Чешка. Партнери на овој проект се НУ д-р Никола Незлобински – Струга и НУ Завод за заштита на спомениците и културата и Музеј во Охрид.
Во првите две кампањи од проектот се изврши рекогносцирање на населби и некрополи во Охридско-преспанскиот регион опфаќајќи ја охридската котлина северно од езерото (Струга и Охрид) како и преспанската котлина кои хронолошки припаѓаат на периодот од Бронзеното време па се до потпаѓањето на овој регион под римска власт. Дел од овие локалитети се и истражувани при што се добиени и значајни археолошки резултати со кои делумно би можел да се реконструира и животот во посочениот регион во минатото. Меѓутоа со развојот на археологијата како наука и пред се со вклучувањето на напредни технологии во истата се отвораат нови видици и можности со кои би се лоцирале поголем број на археолошки локалитети од нведените периоди , би се утврдила нивната евентулна поврзаност, и би се докомплетирала сликата за овој доста значаен археолошки регион.
Рекогносцирањата дадоа поконкретни и попрецизни податоци за населбите и некрополите од првиот милениум пр.н.е.во регионот, се утврди нивната распространетост и организација и нивниот меѓусебен сооднос за кој имавме индиции дека постои.
Оваа трета сезона во истражувањата се вклучија и Универзитетот на Јужна Бохемија од Чешко Будејовице и Геолошкиот истражувачки центар од Р.Чешка со што во проектот вклучивме и геолошки истражувања. Според тоа главата цел на овие геолошки истражувања е да се реконструира пејсажот, да се истражат климатските промени како и животните навики на популацијата којашто го населувала специфичниот Охридски езерски регион во кој воедно и се појавува и елитата која се погребувала на некрополата кај Требениште.
Други очекувани прашања на кои ќе се обидеме да дадеме одговор со понатамошните активности на проектот се:
– Како меѓурегионалната поврзаност и еволуцијата на животната средина влијаеле врз развојот на населбите во доцното бронзено време / раното железно време / железното време во однос на напуштањето на палафитните населби и појавата на ридските и низинските населби?
– Како импулсите од централниот дел на Балканот и грчката заедница ја обликуваат материјалната култура на железното време / архајскиот период, во кој социо-културен развој ќе се одрази ?
– Како е издвоен идентитетот на елитата во регионот на Охридското Езеро во споредба со ситуацијата во јужна Македонија и Пелагонија?
– Каква е економската и социо-политичката основа на елитата определена во главните и богатите гробови?
– Дали е можно да се реконструираат процесите на централизација во регионот симболизирани во основањето на утврдените населби на стратешки места околу езерото?
Раководители на проектот се: м-р Перо Арџанлиев од НУ Археолошки музеј од Скопје, д-р Марек Верчик од Карловиот Универзитет од Прага, а со геолошките истражувања раководи д-р Јаромир Бенеш од Универзитетот на Јужна Бохемија од Чешко Будејовице, Р.Чешка.
Проектот е финансиран од Министерството за култура на РСМ и Карловиот Универзитет од Прага.