Завршено второто археолошко истражување на античкиот локалитет Гимбабица

  • Post category:Новости
  • Reading time:1 mins read

За време на изведбените активности за изградба на патниот правец Ресен-Охрид во 1953 година, кај месноста Гимбабица во близина на селото Избишта, биле откриени остатоци од неколку гробови кои по стручниот увид на археологот Васил Лахтов од Музејот во Охрид било констатитрано дека гробовите потекнуваат од 3 век пр.н.е. и во истите како гробен прилог се наоѓале три целосно зачувани керамички садови.
Цели 65 години приказната за оваа некропола останува затворена, се’ до нејзиното повторно актуелизирање во 2018 година кога започнаа археолошки истражувања под раководство на м-р Перо Арџанлиев потпомогнат од неговиот стручен тим, Илија Бошковски, Радомир Ивановиќ, Игор Ефтимовски и Роберт Поповски.

Во минатогодишните археолошки истражувања овој локалитет беше точно лоциран и хронолошки потврден, а оваа година фокусот на истражувањето на археолозите беше насочен кон добивање на повеќе информации за ширењето и организацијата на некрополата, погребниот ритуал и одликите на материјалната култура.
Периодот од 3 кон 4 век пр.н.е бил исполнет со промени во начинот на живот во Охридско-Преспанскиот регион, културните текови и општествено уредување, а тој период на промени е јасно изразен и во двете различни погребни форми засега откриени на Гимбабица. Овогодинешните истражувања потврдуваат дека оваа некропола е постара, некои гробови датираат од 4 век.пр.н.е.

Оваа раноантичка некропола е позната и како вечно почивалиште на воини, дами и металурзи кои живееле пред повеќе од 2.300 години.
На војничката култура меѓу жителите на заедниците кои се погребувале кај Гимбабица укажуваат откриените копја и ножеви, откриените бронзени садови за вино, бронзен накит, ѓердан од стаклени перли и сл. ни даваат информации за нивниот вкус, откриениот стригил (метална алатка за стругање нечистотии од кожата) и железната алатка се претпоставува дека се користеле за некаква рударска или металообработувачка дејност.
Рудните резерви на регионот веројатно биле и основата за богатството на заедницата која ја формирала далеку попознатата Требенишка некропола.

Добиените податоци и материјали од овогодинешните теренски истражувања ќе бидат анализирани и проучувани, по што резултатите ќе бидат јавно публикувани.
Пред археолозите претстојат уште многу години вредна истражувачка работа во откривањето на античката приказна за Преспа.