АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ ДОМАЌИН НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА БАЛКАНСКА МРЕЖА НА МУЗЕИ

  • Post category:Настани
  • Reading time:1 mins read

На 11 и 12 март музејот беше домаќин на Управниот одбор на Балканската мрежа на музеи (Balkan Museum Network). Оваа организација која на почетокот беше фасилитирана од шведската организација „Културното наследство без граници“, од 2010 година на Балканот ги вмрежува првите музеи со цел да се прослави, зачува и да го сподели комплексното заедничко наследство на западен Балкан. Досега 70- тина музеи од цел Балкан како и 80-тина индивидуалци се дел од оваа мрежа, а бројот се зголемува и понатаму. Мрежата се заснова на меѓусебно почитување и се води од посветеноста кон професионализам и заедничка етика. Балканската музејска мрежа има задача да ја подобри работата на музеите и културните институции кои работат на зачувување и промовирање на културното наследство.

Во рамките на престојот, членовите на одборот, покрај редовните состаноци и обврски, добија и презентација на постојаната музејска поставка од страна на директорот Горан Санев.
Во разговор, Генералниот секретар на Мрежата, Г- ѓа Аида Вежич истакна дека чувствува големо задоволство за реализацијата на голем број остварени музејски вмрежувања, професионални тренинзи на различни теми, за финансирани голем број на проекти во рамките на мали грантови како и за и зголемениот интерес за учество на годишните конференции наречени „Meet See Do“, со учество на повеќе од 100 професионалци од Балканот и предавачи од цел свет.

Оваа година Балканската мрежа на музеи подготвува годишна конференција во Солун, во месец април. До сега, годишните конференции се организирани во Сараево ( 2013), Тирана ( 2014), Нови Сад ( 2015), Скадар ( 2016) и Приштина ( 2018).

Членот на Управниот одбор од Република Македонија, д-р Ирена Ружин, од Н.У.Завод и музеј Битола, информираше за зголемениот интерес за членство во мрежата на голем број професионалци и музеи од нашата држава. Во изминатиот период голем број на професионалци учествувале на годишни конференции, добиле грантови за реализација на проекти или биле учесници во различни тренинзи организирани од Мрежата. Сите членки и искуства од реализираните проекти се промовираат на веб страната на Мрежата како и на социјалните мрежи. На крајот се заблагодари за гостопримството на директорот Санев од името на членовите на Управниот Одбор.

НУ Археолошки музеј на Македонија стана членка на „Балканската мрежа на музеи“ од февруари оваа година.