НУ АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА ПОТПИША МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА СО ИНСТИТУТОТ ЗА ОРИЕНТАЛНА И ЕВРОПСКА АРХЕОЛОГИЈА (OREA), ОД ВИЕНА, АВСТРИЈА

  • Post category:Новости
  • Reading time:1 mins read

Како резултат на долгогодишната индивидуална соработка помеѓу истражувачи од двете институции, на 22.02.2018 година во Археолошкиот музеј во Скопје се потпиша Меморандум за соработка за успешен развој на натамошните проекти од страна на в.д. директорот на Археолошки музеј на Македонија м-р Горан Санев и проф.др. Барбара Хорејс директор на Институтот OREA.

Во оваа прилика се разговараше за можностите за соработка помеѓу двете институции, во вид на археолошки теренски и кабинетски истражувања, летни школи, археометрички анализи, издавање на стручни и научни публикации и други заеднички проекти. Во тој правец, како прв проект произлезе заедничкиот научен проект во сферата на археометалургијата, со работен наслов „Macedonian metals – origin, trade and distribution”, каде координатари се д-р Александра Папазовска од Археолошкиот музеј и д-р Марио Гаврановиќ од Институтот OREA.

Институтот за ориентална и европска археологија (OREA) е основан во 2013година, во рамки на Австриската академија на науките. Како резултат на достигнувањата во археологијата и високата еваулација Институтот OREA достигнува статус на „Akademierat”. Овој институт се занимава со истражувања во праисторискиот и рано историскиот културен развој на една поширока територија од Ориентот до Европа. Акцентот на истражувањата се ставени на три региони и тоа: Европа, Египет и Левант, и Егејот и Анадолија, а фокусот на фундаменталните истражувања лежи во периодот од 2,6 милиони години пред н.е. (Quaternary) до трансформацијата на заедниците во историска епоха во 1 милениум пред н.е.

Истражувачките методи, пред се археолошката теренска работа, се однесуваат на студии на материјалната култура со посебен осврт на археометрички методи и интердисциплинарна соработка со различни дисциплини, вклучувајќи и археолзоологија, археоботаника, антракологија, биологија, антропологија, палеогенетика, климатологија, геоархеологија и лендскејп археологија. Базичните анализи и интерпретации на раните култури лежат во резултатите добиени од истражувањата во кои што се вклучени сите потребни ресурси. Истражувачите во Институтот OREA покриваат голем број на дисциплини како што се Праисториска археологија, Египтологија, Суданска археологија, Блиски/Среден Исток и Грчка археологија.

Институтот издава шест серии на публикации и две меѓународни списанија. Публикациите рефлектираат со високи научни стандарди и поминуваат на процеси на еваулациија на високо стручен и научен борд.