НУ Археолошки музеј на Македонија, од 11 до 15 Декември, оваа година по четврти пат ќе биде домаќин на манифестацијата Недела на археологијата. Како и изминатите години и овој пат 5 работни денови ќе бидат исполнети со настани отворени за јавноста.
Во понеделник, 11 Декември, ученици од училиштето „11 Октомври“ од Скопје, ќе бидат вклучени во изработка на плакати за изложбата „Некогаш и сега“, а најдобриот од предлозите ќе биде прогласен за официјален плакат на оваа изложба чие отворање ќе биде на 14 Декември, во 18 часот.
Вторник, 12 Декември, е отворен ден на музејот, со бесплатен влез за посетителите и можност да разговараат директно со кустосите археолози за сите теми поврзани со археологијата и музеологијата, како се пронаоѓаат предметите и што се случува додека тие станат експонати изложени во музејската поставка.
13 Декември, среда, е ден во кој ќе се одржи Меѓународна археолошка конференција „Неолитот во Македонија 3“, во организација на ЗГ„ Центар за истражување на праисторијата“,од Скопје. На конференцијата, домашни и странски археолози ќе ги претстават најновите резултати од истражувањата на неолитот на Балканот.
Заложбите на Археолошкиот музеј да ги доближи своите поставки до сите посетители, во вистинска смисла на зборот, оваа година се вообличени во посебно осмислена програма за деца со оштетен вид, дополнета со тактилна изложба, подготвена за четврток, 14 Декември. Истиот ден, во 18 часот, ќе биде отворена изложбата „Некогаш и сега“ во која одбрани музејските артефакти од минатото се изложени заедно со предметите од ист вид од нашето секојдневие.
Последниот ден, на 15 Декември, преку серија презентации, јавноста ќе има можност да се запознае со истражувачките проекти и изложби на Археолошкиот музеј реализирани оваа година, како и за учеството на кустосите на меѓународните научни конференции на кои ја претставуваат Република Македонија пред светската стручна и научна јавност.
Содржините на „ Недела на археологија 4“ се збогатени со проекции на документарни филмови за археологијата и настап на хорот „Артизан“ со музика од минатите времиња.
Ве покануваме да го посетите музејот во нашата „Недела на археологијата 4 “.