Aрхеолошките истражувања на лок. Градиште кај Неготино се одвиваат во рамките на меѓународниот проект „Убикација македонските градови на територијата на средното повардарје во раната антика“. Овогодишните истражувања се деветта сезона во рамките на долгорочниот меѓународен истражувачки проект, чија цел е преку систематски археолошки истражувања и мултидисциплинарен научен пристап, да го дефинира карактерот и урбаниот развој на утврдената населба. Проектот започна во 2009 година во соработка со Музеј на Македонија-оддел за археологија, со раководител м-р Горан Санев, Универзитетот од Гдањск од Полска, со раководител професор Николас Секунда и Музејот на Град Неготино. Истражувањата ги реализира стручен тим од сега – НУ Археолошки музеј на Македонија, со надворешни соработници и професори, како и студенти од Универзитетот во Гдањск.
Со истражувањата преку постепеното откривање на инфраструктурата од најмладата до најстарата градежна фаза, се дополнуваат постоечките сознанија со податоци за организацијата и големината на македонските градови на територијата на средното повар-дарје во времето на раната антика. Освен осознавање на урбаниот изглед и развој, истражувањето, преку движниот материјал трага по одговори на прашањето за културниот и историскиот идентитет на оваа градска населба, поточно, етничката структура на населението и нивните релации со регионот – во потесни и пошироки географски рамки.
Со истражувањата на овој локалитет, за кој се верува дека е античкиот град Антигонеја, развиен од кралското семејство на македон¬скиот крал Антигон Гонат, во 3. век пред н.е., се очекуваат и податоци кои ќе ја потврдат или отфрлат оваа теорија.
Овогодишните активности ќе продолжат со истражувањата на постарите фази на населбата т.е. ќе се продолжи со истражување на слоевите на населбата од хеленистички период, а ќе се започне и со истражување на највисокиот северозападен дел од градското јадро, каде се претпоставува дека постојат градби од јавен карактер.
Со проширувањето на истражувањата во наведениот обем се очекува постепено да се дооформи претставата за големината и за организацијата на градбите на акрополата.
Исто така, истражувањата се фокусирани на доистражување на просторот во и околу објектот познат како „ Куќата на изработувачот на ламби ”, со особен осврт на постарите фази од хеленистичкиот и класичниот период на просторот на јужната страна на акрополата. Со доистражувањето на постарата фаза на овој објект се очекуваат информации не само за изгледот на објектите од овој вид , туку и за степенот на развиеност на населбата во овие периоди, делумно и за урбаната шема на градот , кои се несомнено од исклучителна научна важност. Од особено значење ќе биде и откривањето на движен археолошки материјал од наведените периоди, со кои би се утврдило значењето и карактерот на населбата.
Носител на археолошките истражувања е НУ Археолошки Музеј на Македонија, од Скопје. Со непосредните теренски активности раководат м-р Перо Арџанлиев, виш кустос во Археолошкиот Музеј на Македонија, и д-р Николас Секунда, професор по археологија на Универзитетот Гдањск, како ко-раководител.
Средствата потребни за реализација на истражувањата во 2017 г. се обезбедени од Универзитетот Гдањск, од Полска, како и од Министерството за Култура на Р.Македонија.
Раководител на проектот е Мила Шурбановска, советник од НУ Археолошки музеј на Македонија