АРХЕОЛОШКА ИЗЛОЖБА 2015

  • Post category:Настани
  • Reading time:1 mins read

На 30.12.2015 во 19 часот, во просториите на  НУ  Археолошки музеј на Македонија има  свечено отворање на „Археолошка изложба 2015“, која по деветти пат се реализира на крајот од годината, презентирајќи ги најзначајните археолошки пронајдоци откриени во текот на годината. Станува збор за капитални проекти на Владата на Р. Македонија, кои се реализираат со координација на Управата за заштита на културното наследство која е и главен организатор на изложбата . „Археолошка изложба 2015“ вклучува повеќе стотици артефакти од десетици археолошки локалитети, некои познати во научната сфера, а некои за првпат откриени изминатава година. Со проектот „Археолошки катастар на Република Македонија“ се изведени интензивни теренски активности на старите градови и тврдини на територијата на Македонија. Пронајдени се стотици сребрени и бронзени монети од антиката и средниот век, како и други археолошки наоди. Околу педест проценти од истражуваните локалитети се за првпат откриени токму во 2015 година. Наодите од истражувањата на античкиот театар во Скупи исто така заземаат значен дел од поставката. Минатава година најголемиот антички театар во Македонија, и пошироко, е целосно археолошки истражен, и започната е конзервација на сценската зграда. Поставката ги вклучува и веќе добро познатите наоѓалишта – античките цивлизациски градски центри: Билазора кај Свети Николе, каде што се истражува т.н. владетелска палата од IV и V век п.н.е.; извонредно богатиот пајонско-македонски град на Градиште кај селото Младо Нагоричане, Кумановско; античкиот град Стибера во областа Девриоп; потоа Пелагонија, главен град на истоименото античкото кралство, на локалитетот Старо Бонче, Прилепско; праисториската опсерваторија Кокино во Кумановско; потоа за првпат годинава античкиот град во Кичево, на локалитетот Китино Кале во Кичево и Еминбеговата кула во Кратово. Истражувањата на споменатите локалитети се дел од капиталните проекти на Владата на Република Македонија, а во координација на Управата за заштита на културното наследство, и се реализираат преку установите: НУ Археолошки музеј на Македонија; Музеј на град Скопје; Филозофски факулетет – Скопје; Заводите и Музеите од Прилеп и Охрид; НУ Музеј – Куманово; Народен музеј – Свети Николе; Музеј на град Кратово и ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.