Археолошкиот локалитет КАЛЕ се наоѓа на падините на планината Руен во селото Кршевица, петнаесетина километри јужно од Врање и недалеку од Бујановац. Се простира на едно издолжено плато со падини и подножје, со доминантен поглед кон долината на Јужна Морава и Врањанската котлина. Археолошки, бил забележан во почетокот на шеесетите години, а помали сондажни ископувања биле извршени од страна на Народниот музеј од Врање во 1966 година. По долга пауза, дури во 2001 година, започнати се систематски истражувања, во организација на Археолошкиот институт во Белград во соработка со Народниот музеј во Белград, Народниот музеј во Врање и Филозофскиот факултет во Белград. Од кампања во кампања биле откриени градби, разни објекти и многубројни движни наоди, кои сведочат за важноста и големината на оваа населба, која била формирана во почетокот на IV век пред н.е. и траела сè до првите децении на III век пред н.е.
На зарамнетото плато на ридот Кале е изградена акропола заштитена со бедеми и длабок ров од околу 20 метри. За време на ископувањата констатирани се неколку населбински хоризонти од кои во последната фаза се гледаат ѕидови на јавни градби. Под акрополата се наоѓаат помали тераси кои се спуштале сè до долината на реката Кршевица и на кои се наоѓал најголем дел од населбата. Покрај самата река, во еден дел од подградието, на површина од преку 1000 m2 е откриен голем архитектонски комплекс, со камени градби, заштитни ѕидови, печки и други објекти. Во јужниот дел се наоѓа голема конструкција од камен, градба со свод долга 10 метри, изѕидана од трите страни со ѕидови, а од четвртата страна вклесана во карпа од песочник. Станува збор за голем систем за вода кој можел да снабдува неколку илјади жители. Вака изградениот резервоар за вода претставува единствен пример меѓу објектите за иста намена, а секако е и најстариот пример на античката архитектура во Србија.
Многубројниот археолошки материјал воглавно припаѓа на широкиот репертоар на грчки импортирани луксузни садови од атичките или северноегејските работилници или пак припаѓа на хеленизираната керамика за секојдневна употреба (питоси, амфори, кујнска керамика). Во помал број застапен е накитот (фибули, прстени, наушници, стаклени монисти, игли), разни бронзени и железни предмети, како и монети од Филип II, Александар Македонски и неговите наследници.
Најстариот хоризонт на локалитетот Кале го сочинуваат наоди од доцното железно време, кои во долината на Јужна Морава до скоро беа вистинска реткост. Келтската керамика, карактеристична за регионите покрај реките Сава и Дунав населени од Скордисци, откриена е на платото каде се пронајдени голем број на цели садови. Присуството на овие наоди се објаснува преку податоците добиени од античките извори, каде се зборува за честите пљачкашки походи на балканските варвари кои следеле по падот на Македонското кралство и формирањето на римските провинции во 148 година пред н.е. Очигледно е дека Скордисците, во перидот од средината на II и почетокот на I век пред н.е. оваа поволна локација ја користеле како живеалиште и попатна станица на патот кои вараварите ги водел по долината на Морава од Дунав па се до богатите области во Македонија.
Резултатите од досегашните истражувања дале бројни податоци, но бидејќи досега се истражени само 6 проценти од вкупната површина на локалитетот, разбирливо е што остануваат многу отворени прашања на кои одговор можат да дадат само понатамошните ископувања. Денес Kршевичкото Kале се издвојува како најсеверна населба со грчки карактеристики и најјужно наоѓалиште со разновиден латенски материјал.
Изложбата ќе биде отворена до 21.03.2018 година.
Снимка од отворањето на меѓународната изложба од Р.Србија „ЦЕНТРАЛЕН БАЛКАН ПОМЕЃУ ГРЧКИОТ И КЕЛТСКИОТ СВЕТ КАЛЕ – КРШЕВИЦА 2001-2011″ во НУ Археолошки музеј на Македонија – 21.12.2017 год
Галерија од отворањето на изложбата