На 28 .12.2016. во 19 часот, во просториите на Археолошкиот музеј свечено беше отворена 10 –та јубилејна археолошка изложба – Капитални проекти во археологијата на Република Македонија. Изложбата ја организира Управата за заштита на културното наследство, која во изминатите десет години ги координира капиталните проекти во археологијата на Македонија, со поддршка од Владата. Настанот го отворија директорката на музејот Весела Честоева , директорот на управата за заштита на културно наследство Виктор Лилчиќ Адамс, како и министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. Присутни беа и поглаварот на МПЦ г. г. Стефан, професори, археолози и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
– Изложбата е резултат на нашите силни заложби да го истражиме, заштитиме и достојно да го презентираме македонското непроценливо културно наследство. Десет години посветена работа на преку 40 археолошки локалитети, на повеќе од 20.000 стручни лица, професори и археолози, 10 години посветена работа со единствена цел, да го документираме развојот на повеќе милениумската цивилизација на овие простори, да оставиме вредно сведоштво за идните генерации, рече министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на отворањето.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ Адамс истакна дека – „Фокусот е положен на следните централни теми и локалитети: изградба на централна археолошко–туристичка магистрала по должината на долината на вардарската магистрала, која условно ја нарековме европска магистрала; изградба на најатрактивните археолошко-туристички места во Македонија, како што е македонскиот културно-туристички бисер Охрид, античкиот Лихнид и другите; изградба на дигитална база на податоци на Археолошкиот катастар на Република Македонија, прва фаза со теренско истражување и снимање на хоризонталните планиметрии на старите градови и тврдини во Македонија; поддршка и соработка на македонските локални заедници преку активирање на истражувањата на најзначајните археолошки локалитети – фаворити, што се вклучуваат активно во нивниот развој преку културата, односно археологијата и туризмот; античкото Кралство Македонија и Република Македонија; ранохристијанските базилики во Македонија; долината на кралевите – реката Астибо – Брегалница“
Археолошката изложба 2016 вклучува многу вредни артефакти од повеќе од 40 локалитети поставени во 37 витрини со 1269 артефакти.
– „Оваа изложба е уште еден поглед во богатото културно наследство во Репблика Македонија и цивилизацискиот континуитет на нашите простори, кое го потврдува нашиот столетиски и децениски опстој на овие простори. Сето тоа е само една мала причина поради која нашите конкретни залагања се одликуваат со голема значајност.
Благодарение на овие капитални инвестирања драстично се намалија дивите ископувања и со тоа државата ги заштити локалитетите.
Би сакала исто така да истакнам дека Македонската археологија никогаш претходно немала толку многу финансиски средства, со што уште еднаш се потврдија заложбите на оваа влада за инвестирање во овој дел. А да не се заборави и фактот дека со овие капитални проекти се ангажираа и многу човечки ресурси, студенти со што дојде и до развивање на локалните заедници преку археологијата“ – истакна во воведниот говор директорката на музејот Весела Честоева.
Македонската археологијата, заедно со уште неколку помошни дисциплини, во последните десет години, активно ги открива најзначајните древни градови и ги толкува пораките на древните жители на Македонија.
Воедно главната цел на категоријата капитални проекти во археологијата на Република Македонија е да го поттикне развојот на локалните задници во Македонија преку интеракција на Владата на Република Макдонија, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство и општинските органи на чело со градоначалниците, а се со цел скапоцените македонски археолошки ресурси да се откријат, заштитат и вградат во развојот на современа Република Македонија.
Помеѓу големиот број врвни македонски археолошки бисери, интензивно се истражуваат градовите Скупи, Стоби центарот на Македонија Втора, Хераклеја Линкестидска, Лихнид, Билазора, Астрајон, Стибера, најголемата античка македонска стратегиска база Кулиште Св. Размо, Кале Зрзе, Тетовското Кале, Плаошник и Самоиловата Тврдина во Охрид, високиот град – светилиште и манастир Трескавец, Пелагонија највисокиот антички град во Европа, средновековниот град Кожле, предисториската населба кај Пештани на Охридското езеро каде што го изградивме мкузејот на вода како врвна туристичка атракција, што веќе три години ја враќа вложената инвестиција.
Изложбата ке биде отворена до 10.02.2017 и сите посетители ќе можат бесплатно да ја погледнат.