Денес ќе зборуваме за два интересни лика од оваа изложба, ликови кои ќе инспирираат во следните векови голем број сликари, поети и музичари како резултат на нивната бурна љубовна врска.
Тоа се Рафаело Санти и неговата девојка Маргарета Лути позната под прекарот Форнарина. Според некои кажувања кои можеби се преувеличени или измислени, Рафаело првпат се вљубил кога ја видел како си ги мие стопалата во реката Тибар во градината покрај нејзината куќа во Трастевере. Била ќерка на сопственик на пекарница поради кое подоцна и го добила прекарот Форнарина –пекарка.
Рафаело веднаш ја ангажира за свој модел па набргу овој нивен однос ќе се изроди во нешто поголемо од случајна авантура. И двајцата се заљубени еден во друг, а Рафаело го поминува поголемото време со неа, стануваат неразделни.
Неуморно ја слика и е во постојан копнеж по нејзината нежност, а кога неговите роднини од Урбино или заштитниците од Рим ќе му нашле девојка ,,нему рамна” ,ќе се заблагодарел и културно ќе одбиел или ќе одолговлекувал со образложение дека сликарот пред се’ мора да се посвети на уметноста.
Сепак не можел да го одбие моќниот кардинал Бибиена кој настојувал да го ожени за својата внука од брат Марија Довици, направен е договор за брак, но Рафаело постојано ја одложувал венчавката не сакајќи да се оддели од својата сакана.
Во тоа време слика фрески во вилата Фарнезе кај банкарот Агостино Киџи, а тој пак загрижен од постојаните отсутства на Рафаело кој што со разни провидни изговори бара начин да се сретне со Маргарета, донесува одлука да ја смести во својата вила со цел фреските да бидат завршени на време.
Неговата љубов кон оваа девојка ќе се преточи во прекрасниот нејзин портрет каде е претставена со голи гради и со вперен прст кон левата рака на која има лента со негов потпис Рафаел Урбинас. Претходно ќе ја наслика и на портретот ,,Жена со вел”, а интересно е да се спомене дека во тоа време во Рим вел носеле само мажени жени, па некои историчари претпоставуваат дека можеби биле тајно венчани.
Оваа голема љубов за жал завршува со неговата прерана смрт, Форнарина е скршена од болка, на неговиот погреб очајна и расплакана се фрлила врз неговиот ковчег. Четири месеци после неговата смрт се замонашува во црквата Санта Аполониа.
Рафаело е погребан во Пантеон до неговата несудена вереница Марија која умира на осумнаесет годишна возраст неколку месеци пред неговата смрт.
Ова е мит за уметникот и неговата муза-љубовница, кој непосредно се однесува и за други уметници во било кој период да припаѓаат.
Нивната љубов ќе биде извор на инспирација на разни уметници како на пример на Алеардо Алеарди кој напишал поема од дваесет пеења, музичарот Џовани Себастијано кој составил опера во четири чина, Доминик Енгр ќе ги овековечи на платното ,,Сликарот и Форнарина”, Пабло Пикасо ќе изработи дванаесет гравури –,,Тајните љубови на Рафаело со Форнарина” ,како и прочуениот современ поет Рафаел Алберти со дури шест песни.