По повод претстојната изложба на која ќе бидат изложени дел од многуте слики на ренесансниот уметник Рафаело Санти, денешната објава ја посветуваме на ренесансата.
Ренесансата како еден културолошки феномен, проткајан во архитектурата, вајарството, сликарството, литературата, музиката, филозофијата и науката, се јавува најпрво во Италија во 14 век и трае до крајот на првата половина на 16 век.
Од тој период брзо ќе се рашири во останатите земји во Европа, особено во Франција и Холандија. Самиот термин доаѓа од францускиот збор renaissance што значи преродба.
Почетоците на ренесансата се одбележуваат со големата заинтересираност за античката уметност и идеал (Античка Грција и Рим), како и за филозофските учења на Платон и Аристотел.
Постепено се напушта средновековната уметност и започнува да се истражува линеарната перспектива, се бара идеална хармонија во уметничките дела, тродимензионалност и пластичност на фигурите, како и истражување на анатомијата на човечкото тело.
Тематски ќе се користат световни и митолошки мотиви, но паралелно ќе продолжат и теолошките, со еден нов израз. За ова многу ќе придонесат италијанските хуманисти кои својата култура ќе ја насочат кон човекот наспроти сколастичката наука и теологија. Според нив средиште на универзумот не е веќе Бог туку човекот.
Силен интерес и влијание ќе предизвикаат голем број на пронајдени антички скулптури, остатоци од античка архитектура, сочувани ракописи и натписи. Меѓутоа ова нема да биде своевиден обид за емитирање на античката уметност и култура, напротив, ќе се создаде посебен стил и израз кој ќе има големо влијание врз развојот на уметноста во следните векови за што сведочат големиот број на уметнички ремек дела од овој период.
Центри на оваа дејност се градовите – држави: Фиренца (каде започнала ренесансата) Венеција, Падова, Џенова и Рим.
Ренесансата се дели на два периоди: рана и висока ренесанса.
Раната ренесанса (quattrocento, кватроченто) трае во текот на целиот 15 век. Предвесник во сликарството скоро сто години порано е Џото, но вистински започнува со Мазачо и продолжува со Сандро Ботичели, Пјеро дела Франческа, Паоло Учело, Андреа Мантења итн.
Висока ренесанса (Cinquecento, чинквеченто) трае од 1500 г. па се’ до средината на 16 век. Високата ренесанса според многумина стручњаци ја претставуваат трите најголеми уметници на сите времиња, а тоа се Микеланџело Буонароти, Леонардо да Винчи и Рафаело Санти, за чиј лик и дело ќе објавуваме едукативни содржини во текот на следните два месеци.
Во видеото се претставени ремек делата на врвните уметници од тој период.