На Портретот на младич со јаболко е прикажан убаво облечен младич (тинејџер) кој во десната рака држи јаболко.
Се претпоставува дека се работи за член на дворот од Урбино, најверојатно тоа е Франческо Мариа I Дела Ровере внук на војводата од Урбино – Гуидобалдо Монтефелтри и на папата Јулие II (Џулиано Дела Ровере ).
Бидејќи немал деца, војводата Гуидобалдо во 1504 г. го зема Франческо во својот двор и го промовира за свој наследник со благослов од самиот папа.
По смртта на Гуидобалдо во 1508 г., Франческо станува војвода на Урбино и истата година се жени со Елеонора Гонзага.
Тој во историјата е познат како главен командант на Папските држави во војните со Ферара и Венеција.
Ваквата претстава на младичот не’ потсетува на Парис кој во митологијата треба да го понуди јаболкото на најубавата од трите божици, а со оглед на тоа дека три години подоцна Франческо ќе се ожени, Рафаело на портретот алудира на некаков натпревар на кој јаболкото треба да и’ биде понудено на идната невеста.
Рафаело го работи ова прекрасно уметничко дело (масло на панел) на негова дваесет и две годишна возраст, поточно во 1505 г. за време на неговиот престој во Фиренца.
Портретот на младич со јаболко е
изложен во галеријата Уфици во Фиренца и се поврзува со периодот на сликање на неговите дела ,,Архангел Михаил “ и ,,Свети Ѓорги ја убива ламјата“.
Во изработката на овој портрет се чувствува силно влијание на фламанската уметност, како што е пејзажот во позадината, јасниот приказ на деталите, тоналитетот на боите, но црпел инспирација и од својот покоен татко.