Приказната на Ањоло Дони и Мадалена Строци

Во  1504 година еден настан ќе ги раздвижи духовите во уметничкиот свет во Фиренца. Тоа е свадбата на двајца  претставници на  богати фирентински фамилии: Ањоло Дони и Мадалена Строци.

Приказната на Ањоло Дони и Мадалена Строци
Ќе настане натпревар меѓу уметниците во Фиренца како да се добие порачка од Ањоло Дони знаејки дека тој е колекционер и љубител на уметнички дела и накит, за кој самиот се сметал експерт во оваа област.

Бил многу богат трговец со ткаенини, но според Вазари сакал да нарачува уметнички дела ама некако не му се давале пари.

Така по повод неговата свадба порачува од Микеланџело слика ,,Света фамилија” позната денес како ,,Тондо Дони“ за која се договориле за цена од осумдесет дукати, а кога овој ја донел сликата сакал да му плати половина цена. Микеланџело запретил дека ќе си ја земе сликата назад па Ањоло морал да ја плати договорената сума.

Неговата жена Мадалена потекнува од углената фамилија Строци долгогодишен конкурент на фамилијата Медичи. Била помлада од нејзиниот сопруг петнаесет години ,а исто толку години има и на нивната венчавка.

За оваа прилика Ањоло Дони му порачува на Рафаело да изработи во ист манир негов и портрет на неговата жена. Рафаело ги изработува околу 1506-1507 година, покажувајќи исклучително мајсторство.

Покрај неверојатната сигурност на неговиот потез авторот длабоко проникнал во психологијата на претставените личности.

Ањоло е прикажан ладен, интелегентен, прорачунат, самозадоволен и со оштар поглед во кој нема никаков занес.

Тој е потполно опуштен со левата рака потпрен на балустрада, тип на поза што подоцна ќе биде омилен во маниризмот, а посебно во барокот.

Мадалена е претставена како жена со голема енергија, строга, со ладен и помалку презрив поглед, спуштените агли на нејзините усни се чиста ароганција. На овој начин сакал да го истакне нејзиното благородничко потекло. Оваа поза на Мадалена со преклопени раце како и целата атмосфера на сликата не’ потсетува на Леонардовата Мона Лиза, но овде ја нема онаа таинственост на Леонардо, затоа пак се чувствува една неверојатна смиреност.

Рафаело е познат како сликар кој обрнува големо внимание на деталите, покрај богатата одежда нивниот висок социјален статус го потенцира и со накитот што го носат на себе.
Прстените на брачниот пар се декорирани со рубин кој е симбол на просперитет, сафир на небесната чистота, смарагдот се однесува на тајно знаење, а импресивната големина на бисерниот приврзок на градите на Мадалена симболизира девственост кој најверојатно бил подарок од Ањоло.

Овие две слики треба да се гледаат заедно бидејки се работени како пар.
Се верува дека врската меѓу овие два портрета не е само семантичка туку и материјална, сликите се држеле заедно со шарки како преклопни кутии. Ако погледнеме во облакот и пејзажот во горниот десен агол на портретот на Ањоло и горниот лев агол на Мадалена може да се видат меѓусебни прелази, имено пејзажот преминува од една слика во друга.

На задната страна на овие дрвени панели се насликани сцени во монохромна техника кои не припаѓаат на Рафаело. Изработени се од непознат сликар познат како ,,мајсторот од Серумидо”.
Одговорот на прашањето зошто биле насликани овие сцени лежи во претпоставката дека портретите на сопружниците Дони некогаш биле диптих кој можел да се заклопи како книга, па така на корицата гледачот можел да гледа митолошки сцени.
Овие две епизоди се земени од Овидиевата поема ,,Метаморфозис”.
На задната страна на Ањоло Дони е претставен ,,потопот”, односно приказ како боговите го казнуваат грешниот човечки род со потоп, а на задната страна на Мадалена е ,,повторното раѓање на човештвото”.

Овидиј зборува како боговите им дозволиле на стариот брачен пар без деца Деукалион и Пира да се спасат од потопот и да го обноват човештвото.
По заповед на Зевс парот фрла камења преку своите рамења и кога овие ќе ја допреле земјата секој камен фрлен од Деукалион, станувал маж, а ако бил фрлен од Пира, станувал жена.
Двете сцени претставуваат алегории со единствена желба нивниот брак да биде плоден.

Дали овие сликовити претстави помогнале за нивниот пород не знаеме, но како и да е во 1507 година Дони добиваат ќерка, а во 1508 година син. Така оваа приказна за богатиот фирентински трговец и неговата жена добива среќен крај.
👇