Локалитетот Големо Градиште, сместен во атарот на кратовското село Коњух, е локацијата на најголемиот доцноантички град помеѓу Скупи и Пауталија, кој несомнено претставувал важно и богато административно, индустриско (рударско), трговско и црковно седиште во овој дел на провинцијата Дарданија. Градот се простирал на површина од околу 17 ха, со што бил вториот по големина, по Скупи. Имал акропола, сместена на висок долгнавест рид со правец исток-запад, кој се издига са 100 м над реката Крива, и две стамбени тераси од северната и јужната страна на ридот, од кои, на северната тераса е лоцирано главното градско јадро. Целиот простор го заштитувале силни бедеми. На пошироката територија на градот се лоцирани и две некрополи, со хронолошки рамки од железно време до доцно римскиот период. Сепак, иако малубројни, откриените движни наоди од неолитот се значаен податок дека овој крај (локалитет) бил населуван уште од раната праисторија.
Систематските археолошки истражувања на Големо Градиште се одвиваат во континуитет повеќе од две децении, во соработка со Гетисбург Колеџот, од Гетисбург, Пенсилванија, САД. Несомнено најзначаен момент претставува откривањето на централната градска базилика, на северната тераса, во 2008 година. До денес, истражувањата покажаа дека се работи за голем црковен комплекс, со црква со импресивни димензии од 35 х 15 метри, издвоена крстилница од јужната страна, и голем припратен објект со простории објект од северната страна, со површина од са 550 м2, (са 26х21 м). Оваа година се доистражуваше северниот крај на објектот каде е откриен монументален влез со столбови, поврзани со арка од тули и малтер. Се претпоставува дека, во одреден период, ова бил и главниот влез во црквата.
Од неговата источна страна е резиденцијален објект, досега најголемиот од овој вид, чија близина и поврзаност со црквата сугерираат дека веројатно бил во функција на црковниот клер (т.н. Епископска Резиденција).
Доистражувањата во северозападниот крај на резиденцијата открија целосно уште една од низата комерцијални простории (продавници) во нејзин состав. Тоа се важни (нови) податоци за архитектурата и организацијата на просториите на големите резиденцијални објекти во овој доцноантички град. Централната локација на овие објекти, широката улица што поминува од северната страна на резиденцијата, и празниот простор кон кој таа води се индикатори дека токму овде можеби бил централниот плоштад на градот, што останува да се покаже со следните истражувања.
Откриените остатоци од јавни и приватни градби кои денес можат да се видат на теренот, датираат главно од 6 до почетокот на 7 век. Архитектурата, доградбите и откриените монети укажуваат на силен економски подем на градот кон средината на 6 век, што временски се совпаѓа со градежните инвестиции на овие простори, т.е. обновите на градовите од страна на Императорот Јустинијан.