Еден од најдобрите портрети од високата ренесанса – Портретот на Балдазаре Кастиљоне

Еден од најдобрите портрети од високата ренесанса кое ќе ужива голема популарност долги години е портретот на Балдазаре Кастиљоне. Неговото влијание ќе се почувствува во делата на еминентни уметници како: Тицијан ,,Портрет на човек” (1520), Рембрандт ,,Автопортрет”, Жан Огист Доминик Енгр ,,Портретот на Месје Бертин” (1832), а Рубенс и Матис ќе изработат копии на оваа слика.

Портретот на Балдазаре Кастиљоне
Оригиналното дело денес е изложено во Лувр, Париз

Балдазаре е всушност автор на книгата ,,Дворјанин “(Il Cortegiano) која била мошне популарна во тоа време. Во неа се сумирани сите вкусови, културата на ренесансата и е даден увид во животот и интелектуалното размислување на дворот во Урбино.

Познат хуманист, поет, мислител, еден од ,,светилата” на италијанската ренесанса.
Бил добар пријател на Рафаело со кој  имале сличен поглед кон светот и естетиката, како и заедничка соработка на археолошко ископување на римските старини.

Се смета дека овој портрет е направен помеѓу 1514-1515 г.во Рим, во чест на Балтазаровото назначување за амбасадор на Урбино во Ватикан.

Портретот ги прикажува идеалите на еден племенит дворјанин со едно мирно и интелегентно лице.

Прикажан е од половината нагоре во три четвртински профил.

Сликата во долниот дел е намерно пресечена, еден дел на ракавот е прекинат, така што вниманието е фокусирано на лицето и интензивниот поглед.

Главата е свртена кон гледачот, изгледот е скоро “en face”.

Структурата на сликата е пирамидална, позицијата на рамената укажуваат дека седи во фотеља.
Целокупната поза заедно со мекото осветлување може да се смета како дискретен чин на омаж на Леонардовата ,,Мона Лиза”.

Тој е облечен во елегантна одежда но без некој луксуз, косата му е собрана во турбан, прекриен со црна беретка украсена со медаљон.

Носи едноставна бела блуза под дублетот од сиво крзно од верверица преплетено со црна трака.Колористички сликата не е премногу богата, боите се бела, црна и сива со што се изразува воздржаност и смиреност.

Осенчените тоналитети на бојата на одеждата и необичната светла позадина која дава контраст укажуваат на рака на вешт и искусен мајстор.