Добиени нови сознанија за задгробниот живот во антиката во преспанскиот регион

  • Post category:Новости
  • Reading time:1 mins read

Оваа година се реализираше четвртата археолошка истражувачка сезона на хеленистичката некропола ,,Гимбабица” кај селото Избишта во Преспа.
Некрополата се наоѓа на зарамнето плато кое се надвишува над модерниот пат кој ги поврзува Ресен и Охрид, во непосредна близина на селото Избишта.

Всушност со пробивањето на модерниот пат во далечната 1953 г. случајно се откриени првите наоди од некрополата. По направениот стручен увид на археологот Васил Лахтов од музејот во Охрид, било констатирано дека гробовите потекнуваат од 3 век пр.н.е. По точно 65 години приказната за оваа некропола повторно беше актуелизирана. Тимот археолози од НУ Археолошки музеј на Р.Северна Македонија, предводен од м-р Перо Арџанлиев, во 2018 година успеа точно да ја лоцира и хронолошки да ја детерминира некрополата. Додека пак оваа година фокусот на истражувањата беше насочен во добивање повеќе информации за нејзината организација, гробните форми и ритуали и откривање нешто повеќе за животните приказни на луѓето кои тука се погребани.

Она што е интересно и што произлезе од овогодинешните истражувања е откритието на нови гробни форми како и регистрирањето на нов ритуал на погребување. Имено годинава за прв пат на некрополата, а со тоа и за прв пат во регионот беа откриени гробови кои претставуваат правоаголни јами слободно вкопани во здравицата без било каква конструкција што е нешто ново во споредба со гробните конструкции од претходните истражувачки сезони каде беа откривани најразлични гробни конструкции изработени од камен и камени плочи. Исто така, нова појава која беше забележана на некрополата е погребување на спалени покојници нешто што за прв пат се среќава во овој регион во хеленистичкиот период и нешто што не е својствено ниту за соседниот Охридски регион каде се истражувани далеку поголем број некрополи и гробови. Според откриениот движен археолошки материјал овие гробови слободно може да се датираат во веќе утврдените хронолошки рамки на некрополата втора половина на 4 век пр.н.е. и прва половина на 3 век пр.н.е.

Оваа некропола е доста значајна за македонската археологија затоа што засега е единствената некропола во Преспанскиот регион од овој период која се истражува систематски. Сите добиени резултати се новина за науката и ја пополнуваат неправедно направената празнина.

По теренските истражувања продолжуваме со кабинетска анализа и проучување на добиените податоци и материјалот, а потоа со јавно публикување на резултатите. Гимбабица и Преспа нудат уште многу години на вредна археолошка истражувачка работа.

Раководител на проектот е м-р Перо Арџанлиев, а стручниот тим го сочинуваат археологот Илија Бошковски и Благоја Фузевски и истиот се реализираше со финансиска поддршка од Министерството за култура.