Археолошко истражување на локалитет „Гимбабица“ с. Избишта – Ресен

  • Post category:Новости
  • Reading time:2 mins read

Оваа година се реализираше петтата археолошка истражувачка сезона на хеленистичката некропола „Гимбабица“ кај селото Избишта во Преспа. Некрополата се наоѓа на зарамнето плато кое се надвишува над модерниот пат кој ги поврзува Ресен и Охрид, во непосредна близина на селото Избишта. Всушност со пробивањето на модерниот пат во далечната 1953 година случајно се откриени првите наоди од некрополата. По направениот стручен увид на археологот Васил Лахтов од Музејот во Охрид, било констатирано дека гробовите потекнуваат од 3 век пр.н.е. По точно 65 години приказната за оваа некропола повторно беше актуелизирана. Тимот археолози предводен од м-р Перо Арџанлиев, во 2018 година успеа точно да ја лоцира и хронолошки да ја детерминира некрополата. Оваа година фокусот на истражувањата беше насочен да се добијат повеќе информации за нејзината организација, гробните форми и нејзината распространетост. Она што е интересно и што произлезе од овогодишните истражувања е откритието на нови гробни форми како и добивање на значајни информации за зголемената концентрација на гробови и податокот дека некрополата се шири и во правец кон североисток. Според откриениот движен археолошки материјал овие гробови слободно може да се датираат во веќе утврдените хронолошки рамки на некрополата: втора половина на 4 век пр.н.е. и прва половина на 3 век пр.н.е.
Со истражувањата раководеше м-р Перо Арџанлиев, а членови на стручниот тим беа Илија Бошковски и Благоја Фузевски.