Јарец – симбол на плодност во антиката

Во денешниот #MuseumMonday ви ја претставуваме приказната и симболиката на фантастичната бронзена апликација на планински јарец со долго и густо влакно и силни и големи рогови
👇
Јарецот во антиката е симбол на плодноста, пролетта (периодот кога природата повторно се раѓа) како и симбол на дивиот, разигран и слободен дух. Затоа е разбирливо што неговата дива и проблематична природа секогаш се поврзувала со римскиот бог на виното, прославата, танцот и пијанството, Бахус.

Како дел од неговата весела придружба и како неизбежен дел од неговите весели прослави, духот на јарецот најчесто е прикажан преку Пан и фауни, митски суштества налик човекот, но со рогови, опаш и нозе на јарец. Нивниот карактер најверојатно е виновен за дивата страна на прославите.

Како неверојатни свирачи на флејта тие биле задолжени за музиката на прославите, но она по што секогаш се истакнувале и до денес се препознатливи е нивната незаситна сексуална страст. Затоа впрочем и до денес, јарецот се поврзува со плодноста.
Ова бронзена апликација е само една од неверојатната и уникатна бронзена групација на апликации налик неа.

Другите се со претстави на богот Бахус и неговите весели следбеници. Пронајдени како гробен дар, сите тие заедно требало да му обезбедат на покојникот вечен живот, радост и бројни задоволства на другиот свет.

Датирана од римски период, II-III век., пронајдена на лок. Исар, с.Марвинци

Јарец - симбол на плодност во антиката