Од 11 јули до 11 август во Археолошкиот музеј на РСМ во Скопје беше отворена ексклузивната изложба од Националниот музеј на Република Казахстан, од Нур-Султан, насловена „Патувањето на Златниот човек во музеите ширум светот“.
Во фокусот на изложбата е најпознатото и најзначајно археолошко откритие на Казахстан – Златниот човек, познат и како казахстанскиот Тутанкамун, датиран во 5 век п.н.е. Научниците го идентификуваат како 18-годишен воин на народот Сака.
Златниот човек е откриен во тумуларна гробница во Исик, во близина на градот Алмати во 1969 година. Неговото тело е покриено со неколку илјади златни апликации, комплет кој се состои од кошула, чизми и накит за глава. Се претпоставува дека златните обетки и прстени кои се пронајдени во гробот, исто така, му припаѓаат нему.
Од прогласувањето на независноста на Казахстан во 1991 година, Златниот човек станува симбол на казахстанското национално богатство. Изложен е во Националниот музеј во Нур–Султан и патува низ музеите во светот со цел да се промовира културното наследство на Казахстан пред светската публика.
На оваа изложба беа изложени 189 ексклузивни предмети, меѓу кои: накит, предмети со рунски натписи, воена опрема, коњска опрема, традиционални ракотворби итн.