Изложбата „Културното богатство во марките на Македонска пошта – археологија“ посветена на поштенските марки сведочи за односот на Македонска пошта кон нашето културно богатство.
Издадените тематски поштенски марки од областа на археологијата го афирмираат нашето значајно културно наследство кое со помош на марките патува низ времето и просторот.
Марките се отпечатени во период од 1996 до 2019 год. и на нив може да се видат дел од теракотните икони од Виничко кале, фрагменти од мозаикот „Приказ на вселената“, нартексот на Големата базилика на античкиот град Хераклеа, Неолитски предмети од теракота, Големата Мајка од Тумба Маџари, антички монети, антички накит, средновековни монети и златните погребни маски од Требениште.
Поштенските марки се многу интересни, но граѓаните ретко имаат можност да ги видат. Живееме во време на нови технологии во кои интернетот, како неверојатна брза комуникација со светот го завзема приматот. Сѐ поретко се пишуваат писма и се испраќаат картички. Секое општење помеѓу нас се заменува со мобилните телефони.
Целта на оваа изложба е зголемување на сознанието кај граѓаните за ова наше културно богатство, запознавање со неговата вредност, а со самото тоа грижа и чување за идните генерации.” – изјави авторот на изложбата и претседател на ИКОН, г. Климе Коробар.
Изложбата беше отворена за јавноста во текот на целиот месец август 2020 г.
Организацијата на изложбата е во соработка со Асоцијација за култура ИКОН, Археолошки музеј и Пошта, подготовките ги извршија Марјан Јагликовски, Марија Видеска и Васил Николовски од Археолошкиот музеј, а реализацијата на истата е финансиски поддржана од Град Скопје и Министерството за култура.