На 12 aвгуст започнаа подводните археолошки ископувања на локалитетот Врбник кој се наоѓа на западното крајбрежје на Охридското езеро на излезот на Струга, во непосредна близина на населеното место Калишта.
Првите сознанија за локалитетот се добиени во 80 тите години на минатиот век, а систематски подводни археолошки ископувања се водат во континуетет од 1998 год.
Со досегашните истражувања откриен е исклучително богат движен археолошки материјал кој го сочинуваат керамички фрагменти, цели садови, керамички макари, биконусни пршлени, кружни тегови, разновидни бронзени предмети: белегзии со преклопени краеви, салталеони, двојни игли, железни сечила, јадици и др. Предметите се откриени во слој од кал чија дебелина изнесува околу 20 см и се простира по целата истражувана површина. Иако во најголем дел од керамиката е фрагментирана, се работи за форми кои се употребувале подолг временски период, а период на егзистенција на оваа населба согласно археолошките наоди е 7 и 6 век пр.н.е.
Овогодинешните истражувања се насочени кон земање примероци од колците во претходно истражени и документирани делови од населбата, во времетраење од 20 тина дена, во периодот од август до септември 2021 год.
Досега се откриени преку 500 колци и документиран е простор од околу 500 м2, што е во просек околу 1/10 од целата населба. Генерално можеме да насетиме појава на неколку куќи.Паралелно со подводните истражувања се вршат и подготовки за дендрохронолошки и карбон анализи, во просториите на Природно научен музеј Никола Незлобински – Струга.
Носител на проектот е НУ Археолошки музеј на РСМ, во соработка со Природно научен музеј Никола Незлобински – Струга и Универзитетот во Берн, Институтот за археолошки науки, Р. Швајцарија каде ќе се прават дендрохронолошките анализи.
Во проектот учествуваат Александра Папазовска – раководител на проектот, Валентина Тодороска – кораководител на проектот, Бојан Танески – подводен археолог, Цветлана Василевска – археолог, Андреј Мачковски – докторант за дендрохронологија и нуркачи од нуркачкиот клуб „Норкач“ и „Скаут“ во Струга.