Животот и делото на Рафаело Санти

Кога ќе се спомене зборот ренесанса секогаш прво на ум ни доаѓаат три големи имиња, три великани: Микеланџело Буонароти, Леонардо да Винчи и Рафаело Санти.
Уметници кои го задолжија светот со прекрасни дела, дела кои не вдахновуваат, инспирираат и ни причинуваат задоволство.
Најмладиот од нив, Рафаело Санти, кој за жал живее кратко (само 37 години) ќе создаде огромен број дела, што претставуваат вистинско чудо за еден така краток животен век.
Рафаело е роден во 1483 г. во Урбино, од татко Џовани Санти (сликар) и мајка Маџа Чарла. Останува сирак многу мал, па така на 11 годишна возраст, според претходна препорака од неговиот татко ќе живее во дворот на урбинскиот војвода, кај војвоткињата Елизабета Гонзага.
Во оваа прекрасна палата ќе се запознае со уметнички дела од познати мајстори (Пјеро дела Франческа, Мелоцо да Форли, Џусто од Ган итн.) кои несомнено врз него ќе извршат големо влијание.
Сликарот Тимотео Вити несебично ќе му дава совети и помош како негов учител, но сепак првите знаења ги добива од својот татко.
При крај на векот се сели во Перуџа во работилницата на Пјетро Ванучи познат под прекарот Перуџино. Веднаш го привлекува неговото внимание и станува негов омилен ученик. Од него ќе ги научи најчувствителните тајни и лукавства во сликањето на новата сликарска техника, масло – кое фламанските мајстори го усовршиле и го рашириле.
Во овој период ќе ја наслика композицијата ,,Венчавањето на Богородица” на кое се чувствува влијанието од Перуџино.
Во 1504 г. оди во Фиренца, каде во тој момент се наоѓаат двајцата големи уметници Леонардо и Микеланџело, кои се натпреваруваат во осликувањето на ѕидовите на Палацо Векио. Фреските не се довршени, но затоа картоните кои и’ се претставени на јавноста ќе предизвикаат голема заинтересираност на цела Фиренца, секако и на Рафаело. Овде тој ќе го проучува Леонардовиот ,,стил“ и често ќе се среќава со маестрото трудејќи се да проникне во тајната на онаа неискажана игра на светло и сенка. Тоа ќе се почувствува на оние благи ликови на Богородица кои Рафаело ги слика во Фиренца. По природа е крајно приемчив така што лесно поприма влијание и од Микеланџело.
Рафаело ја напушта Фиренца и во 1508 г. се сели во Рим. На папскиот престол тогаш седи папата Јулие II. Со заложбата на неговиот сограѓанин од Урбино, познатиот архитект Браманте, Рафаело е претставен пред папата, од кого добива ласкава нарачка да ги наслика во “al fresco” техника салите во Ватикан (Станци): Станца дела Сењатура; Станца ди Хелиодоро; Станца дел Инчендио.
Така доаѓа до врвот на својата слава, со благ карактер, раскошно облечен и со убав изглед опкружен од голем број обожаватели и следбеници. Неговото име е славно, и во кругот на хуманиститите познато во неговиот латински облик – Санцио. Не бил завидлив и знаел да се воодушевува на величината на другите уметници. Имено, кога видел дел од фреските на Микеланџело во Сикстинската капела, толку бил фасциниран што некои решенија ги применил на своите фрески во Санта Марија дела Паче.
Води доста динамичен живот во кој не умее да се штеди, особено се зборувало за неговото претерување во љубовта. Бил заљубен во Маргарета Лути, девојката која му позирала и неуморно ја сликал.
Бидејќи била ќерка на пекар го добила надимакот Форнарина (пекарка). Станува негова љубовница со која поминува доста време. Таа е причина зошто Рафаело одбива голем број понуди за брак. Некои стручњаци сметаат дека во делото ,,Сикстинска Богородица” ликот е всушност на Форнарина.
Во 1513 г. умира папата Јулие II, за негов наследник е избран Лав Х (Медичи), голем познавач на уметноста и мецена и Санти станува негов омилен сликар.
По смртта на Браманте, папата го назначува Рафаело за надзорник на изградба на црквата Св.Петар. Следната година добива нов папски указ-конзерватор на римски старини, поточно станува археолог и истражувач. Неговиот труд како археолог е значителен.
Папата му дава нова порачка, после Станците треба да се насликаат Лоџите кои се состоеле од низа од 16 аркади. Рафаело ја украсил секоја аракада со по четири слики. Првите дванаесет аркади се со сцени од стариот завет, додека тринаесеттата е посветена на новиот завет. Тоа е еден вид библија раскажана во слики, така што Рафаело станува најголемиот илустратор на сите времиња.
Смртта го стигнува доста рано. Починал на Велики петок, 6 април 1520 г. На посмртната постела учениците го положуваат неговото последно дело на кое работел кога го затекнува болеста – ,,Преображение Христово”, дело кое ќе го доврши неговиот најдобар ученик Џулио Романо.
,,Светот продефилира покрај сликата и одарот, а гледајќи го мртвото тело и живата слика, се кинеше душата од болка на секој што ќе ги погледнеше”- пишува Вазари. Погребан е во Пантеон.