Монографија “100 години Требениште”

1,800.00 ден

Категорија:

Опис

Монографијата „100 години Требениште“ претставува дело во кое се собрани сите досегашни податоци за мистеријата на Требенишките некрополи. Покрај ексклузивниот каталог на наодите од Требениште, во оваа публикација се претставени и научни трудови на еминентни стручни лица (од Македонија, Србија, Бугарија, Германија и Чешка, вкупно 24) од областа на археологијата и историјата поделени во три поглавја: „Историјат на истражувањата“, „Наоди“ и „Требениште и регионот“. Историјата на Требенишката некропола сама по себе е фасцинантна исто и како наодите откриени во неа, кои припаѓале на богатата аристократија. Судбината на Требенишката некропола е поделена низ времето, преку Бугарското кралство, потоа Кралството Југославија, Република Југославија, па сè до најновите истражувања во Република Македонија. Предметите кои биле откриени во далечната 1918 заминале во Софија, оние што биле истражени од 1929 до 1931 во Белград, а истражувањата продолжиле во 1953-54 и 1972 година од страна на археолозите во Македонија. Сликата за Требенишките некрополи е надополнета со најновите истражувања на локалитетот Горна Порта во Охрид. Приказната за мистеријата Требениште денес овие институции ја обединија и ја прикажуваат на светската публика преку монографијата и изложбата „100 години Требениште“.

Во второто поглавје во монографијата, преку десет текстови се направени студии за предметите како златни маски, предмети од злато – пекторали, ракавици, сандали, накит од злато и сребро, бронзени садови, оружје, килибар, предмети од фајанс и стакло и керамика, сите гробни прилози во откриени на Требениште. Третото поглавје се однесува на Требениште и релации со соседните региони. Во осум текста се разработени прашањата и проблемите околу определување на етничките атрибути на населението од Требениште, нивните погребни ритуали, просторот на каде овие жители биле населени, како и прашањето за племенските карактеристики на заедницата и нејзиниот однос со останатите заедници во регионот. Монографијата завршува со каталог на 413 предмети од некрополите Требениште, Сува Чешма, Три Чељусти и Вртуљка и Горна Порта.