Генеза и развој на Анзабегово-вршничката културна група во периодот на неолитот на територијата од Република Македонија

Опис

*Оваа публикација наскоро ќе биде достапна во продажба во музејската продавница на Археолошкиот музеј

Публикацијата ,,Генеза и развој на Анзабегово-вршничката културна група во периодот на неолитот на територијата од Република Македонија” е докторската дисертација на д-р Драгиша Здравковски, археолог, советник кустос за младото камено време – неолит. Професионалната кариера на д-р Драгиша Здравковски која започна 1981 година во НУ Музеј на Македонија, па сѐ до крајот на својот живот 2015 година во НУ Археолошки музеј на Македонија, беше посветена на проучувањето и афирмирањето на неолитската култура во рамките на македонската и меѓународната предисториска археологија.
Во оваа тематска публикација е обработен периодот на неолитот (крајот на VII, VI и почетокот на V милениум пр. н.е.), кој несомнено претставува една од најсветлите епохи во културниот развиток на територијата на Република Македонија.
Генезата и развојот на афирмираната Анзабегово-вршничка културна група, определувањето на нејзиниот културен профил, релациите со Велушко-породинската културна група во Пелагонија, како и со другите културни групи во соседството, се основните научни прашања и рамка во кои се изнесени размислувањата и отворените нови прашања во овој труд.
Оваа публикација верувамe дека ќе ја збогати листата на македонски изданија со тематска содржина за неолитската култура, и воедно ќе стане дел од образовната и стручната литература за студентите, нашите идни колеги археолози, кои најголемиот дел од нив веројатно ќе трагаaт по вистината на најдалечното минатото, со истиот оној научен жар и љубопитност што ги поседуваше д-р Драгиша Здравковски.
Публикацијата е дел од Годишната програма за работа на НУ Археолошки музеј на Македонија за 2018 година. Таа е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија и НУ Археолошки музеј на Македонија.