Годината ја започнуваме со еден интересен артефакт кој е изложен на изложбата “Статусни симболи кај пајонските заедници”. Станува збор за висулец со форма на макова чашка со полусферно тело, благо биконусно во долниот дел, со нагласени извлечени и „стилизирани“ протоми на птици на краевите и капакот на чашката, чија долга и вертикална дршка завршува со прстенест врв во форма на т.н. беотски штит и претставува мошне специфичен примерок од овој тип. Припаѓа на раниот тип А кој се датира во 1/2 на 7 век п.н.е., а кои главно биле произведувани по долината на реката Вардар (Милци и Сува Река во Гевгелија, Дедели и Лисичин Дол кај Валандово) и постојат само неколку примероци кои биле експортирани во Грција (Самос, Левкас). Нивната продукција продолжува низ целиот 7 век п.н.е., така што малку поманиристички изведби на овој тип среќаваме во голема масовна продукција по долината на Вардар, а во втората половина на 7 век п.н.е. нивната продукција се проширува и на Халкидики. Интересна е претставата на капакот на чашката на чиј врв среќаваме апликација во форма на беотски штит, која кај пајонските заедници се појавува со доаѓаањето на фибулите со иста форма кон крајот на 7 век п.н.е., кои доаѓаат од Грција (Перахора, Емпорио на Хиос). На дршката од капакот било поставено и едно монисто со топчеста форма, декорирано со врежани мотиви на три хоризонтални паралелни линии на најширокиот дел на перлата, а над и под нив една цик-цак линија. Овој тип на предмети често се наоѓа како додаток на маковата чашка и служел за контрола на чашката и за регулација на композитниот висулец.
Култната макова чашка е честа појава во некрополите од долновардарскиот круг, а од аспект на т.н. „свештенички“ погребувања (пр., гробот 15 од Лисичин Дол каде што биле пронајдени и остатоци на катран) се толкува како индикативен предмет со посебна култна функција.

Изложбата е отворена за посетители до март 2020.