Ексклузивен археолошки предмет од бронзеното време, претставува композитниот висулец од морски полжави и стаклени мониста, откриен на некрополата од 13 – 12 век пред.н.е., на локалитетот Димов гроб кај село Уланци.

Висулецот е составен од тринаесет морски полжави – Каури од видот Lаuria, кои се издвоени во парови и наредени по големина. Паровите од морски полжави меѓусебно се раздвоени со 37 кружни мониста изработени од стаклена паста, при што се формираат шест пара на морски полжави. Висулецот започнува со пар од најголемите полжави, а со приближување кон крајот се намалува големината на полжавите и завршува со тринаесетиот најмал по големина полжав, кој е осамен на крајот на висулецот.

Овој уникатен артефакт изработен од луксузни и егзотични материјали, се поврзува со култот на плодноста и со одредена категорија жени, кои имале посебна улога и статус во заедницата, односно биле религиозни предводнички – свештенички.

Интересен е податокот дека овој вид морски полжави се открива единствено на малоазискиот брег околу градот Бодрум, што е потврда за економската моќ на имателот, како и за развиените културни и трговски врски со напредната микенска цивилизација.