Доцноантичкиот период го означува преодот од класичната антика кон среден век. Во овој период Римската Империја доживува ослабнување на економијата и дестабилизација на државата поради постојаните напади од варварските племиња и честите промени на воените императори. Зајакнувањето на државниот апарат во Царството и провинцијата Македонија настанува со доаѓањето на власт на Диоклецијан.

Источните провинции добиваат се’ поголемо стратегиско и економско значење со потпишувањето и објавувањето на Миланскиот едикт за слободно проповедање на христијанството од г.Константин Велики и Лициниус како и со преместувањето на Царството во Византион (Константинопол -најхристијанизираната област на Империјата). Со овие промени започнува доцноантичкиот период каде доаѓа до развивање на нова доцноримска култура.

Најзначаен и најлуксузен наод пронајден од овој период е стаклената чаша Диатрета која преставува вистинска реткост во светот. Пронајдени се само неколку добро сочувани чаши во целиот свет, меѓу кои е и нашиот експонат.

Диатретата датира од 4 ти век и во Македонија е пронајдена во 1982 год во доцноримски гроб на локалитетот Таранеш, Дебар од археологот Милан Ивановски. Богатиот инвентар пронајден во гробниците зборува за високата општествена положба на покојникот. Археолозите сметаат дека постојат два вида на чаши Диатрета, со фигурален украс и со мрежест дел. Дијатретата од Таранеш е келнски тип, најбогато декорирана.

Овој тип на чаши се луксузни производи кои најверојатно служеле за свечено церемонијално пиење бидејќи ги поседувале само припадниците на повисоките општествени слоеви. Исто така се смета дека чашите се изработувале само по нарачка. На сите чаши во горниот дел има натпис (BIBE VIVAS MULTIS ANNIS) кој отрпилика порачува: „ако пиеш, ќе живееш долго и среќно“.