Физичкиот изглед на човекот, творецот и корисникот на предметите изложени во Археолошкиот музеј е тема на првата интердисциплинарна поставка со која се среќава посетителот во просторот на музејот.            Антрополошката поставка претставува документарна реконструкција на физичкиот изглед на човекот во минатото, преку неговите скелетни остатоци. Во реконструкцијата која е резултат на соработката помеѓу научни и ликовни дисциплини, користени се сознанија на антрополошки, археолошки, етнолошки проучувања како и можностите на вајарството и сликарството. Поставката содржи девет портретни скулптури, и шест цртежи на комплетни фигури во природна големина со представа на облека, накит и оружје од три праисториски периоди (неолит, железно и бронзено време) и два историски периоди (римско време и среден век). Тродимензионалните портретни скулптури се изведени според сочуваните елементи за реконструкција на лицето,  со директно нанесување на глина на черепи избрани најдобро да го претставуваат населението од одреден археолошки период. Цртежите се во природна големина според антрополошките податоци за телесната височина и телесна градба. Облеката е реконструирана преку  хронолишки и територијално блиски археолошки наоди, претстави на надгробни споменици, скулптури и фрески. Китењето и вооружувањето во минатото се документарно представени преку конкретни предмети, откриени на некрополите од кои потекнуваат скелетите.

Хронолошки најстар претставник на праисториското население во Р.Македонија е од среден неолит.  Жената откриена во Ново Село-Велес, стара 45-50 години кога починала, била со осредна телесна градба и висока околу 161 см. Страдала од расипани заби (кариозни, екстрахирани заби и забни цисти).

Неолитските жени обрнувале особено внимание на фризурите кои биле инвентивни, комплицирани, со кокови и плетенки. За тоа сведочат бројни неолитски фигурини.

За  наредните археолошки периоди (енеолитот и бронзеното време), нема антрополошки наоди кои би ни го откриле физичкиот изглед на жените.

Железното време е најтешко време за живеење за жените, кај кои е забележан пад на просечниот век за две години (38 години) како и извонредно висока смртност на млади жени (до триесеттата година од животот). Веројатна причина за ова се проблемите во бременоста и слаба породилна превентива. Во овој период е забележана и најголемата разлика во просечниот век помеѓу половите, цели десет години. Младата жена од Говрлево-Скопје е типичен представник на железновременското население. Имала нагласено нежна (грацилна) градба и голема телесна височина (162 см).

Римското време носи влошување на животните услови, но тоа повеќе се одразило на машкиот пол. Кај жените е забележан пораст на просечниот век за цели три години. Во ова време е и најмала  разликата во просечниот век помеќу половите. Матроната од Марвинци, која починала на возраст од 40-45 години, страдала од слаби болки во лактите, дланките и стапалата предизвикани од артритис. Била висока (162 см) и тенка (грацилна).      Елегантната коскена игла со која е украсена фризурата и герданот се нејзини лични предмети со кои е откриена.

Средновековието носи подобрување на животните услови, се зголемува бројот на луќе кои живееле подолго од четириесеттата година од животот, а просечниот век расте и за вкупната група и кај двата пола. Жената од Опила-Крива Паланка, стара 35-40 години, имала кстрахирани заби и болки во грбот (спондилоза). Со 164 см висина е во категоријата на високи жени.

И на крај младата жена од другиот, Југо-западен крај на Македонија го заокружува овој кус преглед на жените во минатото. Во мариовско Витолиште помеѓу 10 и 13 век го проживеала својот краток век убавицата со обетки од сребро и позлата, украсени со емајл и стаклена паста. Совршено прилегале на нежниот лик, тенката и висока става.