Почнувајќи од овој месец Археолошкиот музеј еднаш месечно ќе Ви презентира по еден од многуте предмети кои се дел од постојаната поставка.

За предмет на месец јуни ги избравме праисториските дами.

Станува збор за теракотни женски фигурини декорирани со врежани линии – тетоважи. Тетоважите вклучуваат концентрични кругови, коси паралелни линии,  двојно јајце и останати симболи кои ја симболизираат плодноста.

Откриени се во населбите од енеолитот (бакарно време), како и во единственото досега откриено светилиште Св. Атанасиј.

Жителите од населбите го почитувале светилиштето како простор за реализација на своите духовни потреби и при одредени поводи оделе и приложувале разни дарови и учествувале во најразлични ритуали.

Како дел од церемониите практикувани во светилиштето фигурините биле ритуално кршени за добро здравје на жената – мајка – родилка.

По завршувањето на ритуалите фрагментите од фигурините биле положувани заедно со останатите прилози, жртвеници, фигурини на животни, керамички садови итн и во таков контекст археолозите ги откриваат после 6.000 години.