По повод 100 годишнината од првото откритие на еден од најзначајните локалитети на Балканот – Требениште во 1918 година, Археолошкиот музеј на Македонија е во подготовка на ексклузивна изложба која ќе биде отворена за посетителите од март до август 2019 година. За историјатот на локалитетот и истражувањата, за карактерот на наодите, како и за релациите помеѓу Требениште и соседните региони во 2018 година беше публикувана луксузна монографија изготвена од Археолошкиот музеј на Македонија, Народниот музеј во Белград, Националниот Археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науки во Софија и Заводот и Музеј од Охрид како носители на проектот.

Монографијата „100 Years of Trebenishte“ претставува дело во кое се собрани сите досегашни податоци за мистеријата на Требенишките некрополи. Покрај ексклузивниот каталог на наодите од Требениште, во оваа публикација се претставени и научни трудови на еминентни стручни лица (од Македонија, Србија, Бугарија, Германија и Чешка, вкупно 24) од областа на археологијата и историјата поделени во три поглавја: „Историјат на истражувањата“, „Наоди“ и „Требениште и регионот“. Историјата на Требенишката некропола сама по себе е фасцинантна исто и како наодите откриени во неа, кои припаѓале на богатата аристократија. Судбината на Требенишката некропола е поделена низ времето, преку Бугарското кралство, потоа Кралството Југославија, Република Југославија, па сè до најновите истражувања во Република Македонија. Предметите кои биле откриени во далечната 1918 заминале во Софија, оние што биле истражени од 1929 до 1931 во Белград, а истражувањата продолжиле во 1953-54 и 1972 година од страна на археолозите во Македонија. Сликата за Требенишките некрополи е надополнета со најновите истражувања на локалитетот Горна Порта во Охрид. Приказната за мистеријата Требениште денес овие институции ја обединија и ја прикажуваат на светската публика преку монографијата и изложбата „100 години Требениште“.

Во второто поглавје во монографијата, преку десет текстови се направени студидии за предметите како златни маски, предмети од злато – пекторали, ракавици, сандали, накит од злато и сребро, бронзени садови, оружје, килибар, предмети од фајанс и стакло и керамика, сите гробни прилози во откриени на Требениште. Третото поглавје се однесува на Требениште и релации со соседните региони. Во осум текста се разработени прашањата и проблемите околу определување на етничките атрибути на населението од Требениште, нивните погребни ритуали, просторот на каде овие жители биле населени, како и прашањето за племенските карактеристики на заедницата и нејзиниот однос со останатите заедници во регионот. Монографијата завршува со каталог на 413 предмети од некрополите Требениште, Сува Чешма, Три Чељусти и Вртуљка и Горна Порта.

Со гордост можеме да истакнеме дека сите овие наоди, заедно со исклучителните фотографии на предмети и фотографии од истражувања, како и архивските материјали на најдобар можен начин ја илустрираат и објаснуваат приказната за Требениште, која зборува за карактерот на овие погребувања, за економската и општествената моќ на оваа заедница. Требениште е сведоштво за движењата, контактите и размената на идеите на Балканот. Оваа монографија само го потврдува фактот дека Требениште е една мошне важна алка во фундаментирањето на вредносните системи во антиката не само на Балканот, туку и пошироко, во европски рамки.

Александра Папазовска