МОДНИ ТЕНДЕНЦИИ ВО МЛАДОТО КАМЕНО ВРЕМЕ – НЕОЛИТ

ФРИЗУРИ

Археолошките предмети со антропоморфни претстави засега се единствените податоци за изгледот на косата кај неолитскиот човек. Фризурата не е само моден детал на нејзиниот носител, таа го означува и неговиот социјален статус, односно е посредник во комуникацијата со заедницата.

Керамичките предмети – антропоморфни жртвеници, од типот на “Големата Мајка” (Magna Mater), како и другите женски фигурини откриени во Тумба Маџари и другите неолитски населби во Македонија, со прикажани едноставни и сложени ликовни претстави на фризурите, се потврда дека неолитската жена со особено внимание се грижела за изгледот на својата коса.

Сите прикажани фризури на антропоморфните фигурини ги краси една карактеристика на елеганција.

НАКИТ

Во археолошките истражувања на Тумба Маџари се пронајдени и други предмети изработени од камен, школка, глина, животински коски и рогови, кои, генерално се класифицирани во категоријата накит. Многу често се најдени фрагменти од белегзии, како што се прикажани на рацете на антропоморфните фигурини, како, на пример, на жртвеникот кај “Големата Мајка”. Откриени се и поголем број биконусни и цилиндрични мониста од коска, камен, школка и глина, кои веројатно биле дел од ѓердани. Плоскатите дисковидни речни камења, со една или две дупчиња за ставање кожена врвка за носење на врат, се дел од оваа категорија предмети кои во археологијата некогаш се познати и како амулети.

Потребата за поседување и носење на овие предмети е повеќенаменска и има различно значење. Тие се материјален показател на носителот за неговиот социјален стаус во заедницата, неговата припадност во одредена група, но и потребата за самоизразување како поединец. Некои форми на накит се и чин на изразување на емоциите, верувањата, а особено се посредниците во поврзувањето со енергијата и моќта на божественото, натприродното.