Летото 1997 година, при археолошките истражувања на некрополата од железно време на локалитетот Лисичин Дол во близина на селото Марвинци, беше откриено исклучително погребување во гробот број 15.

Во гробот – правоаголна јама, било инхумирано женско лице на возраст околу 35 години, со богат инвентар на бронзени артефакти. Тука за прв пат беа откриени култни бронзи од фамилијата Македонски (Пајонски) бронзи, во изворна положба.

Доминантно место зазема церемонијалниот појас со големата кружна плоча и големиот композитен предмет со бронзено садче во средината. Нивната позиција ни објаснува зошто овие наоди се ретки во гробовите од железно време, како и дека се поврзани за одредена категорија покојници кои имаат посебно место и улога во заедницата.

Овие наоди кои спаѓаат во групата т.н. Македонски (Пајонски) бронзи, редовно се поврзуваат со женски гробови, што упатува на можноста определени жени да биле чувари на култните вредности и религиозните активности во заедницата. Затоа велиме дека во гробот бр.15 од Лисичин Дол била погребана локална Свештеничка.

                            Автор:  Страхил Темов