Ја започуваме новата година со еден посебен предмет, толку редок што во светот постојат само 3  примероци од истиот.

Станува збор за бокал од типот Изник, еден од најрепрезентативните примероци на Турско Османлиската луксузна керамика. Садот е изработен од каолин глина и има мошне тенки ѕидови, чија дебелина изнесува 4 милиметри.  Како облик, изникот претставува имитација на кинескиот порцелан и за прв пат се појавува кон крајот на XV век.

Она по кое посебно се издвојува е декорацијата. По површината на садот се насликани 8 галии со едра изведени со тиркизна и бела боја. За разлика од другите два сада, едниот во Париз, а другиот во Берлин, каде едрата се широко отворени, на примерокот од Скопје платната на едрата постепено се отвораат – од затворени во горниот дел на бокалот до целосно отворени во долниот десен дел.

Помеѓу галиите има 16 флорални елементи во форма на грмушки со смарагдно зелена боја.

Примерокот кој е изложен во Археолошкиот музеј припаѓа на втората, најраскошна фаза – од 1520 до 1566 година.