Римски период

Легендата за градот Рим говори дека во VIII век п.н.е ќерката на кралот Нумитор, Реа Силвија била насила обљубена од римскиот бог на војната – Марс, за подоцна да роди силни машки близнаци. Плашејќи се од нивната божествена природа, кралот наредил децата да бидат удавени во реката Тибар, но тие, под заштита од Боговите, преживеале и биле исфрлени на брегот. Тука, децата биле најдени од една волчица, која ги задоила и ги одгледала како свои.

Кога пораснале, браќата Ромул и Рем решиле да оформат свој град во срцето на Апенинскиот Полуостров, покрај реката Тибар, но поради несогласувањата околу истиот, Ромул го убил Рем, па новиот град го добил името според првиот владетел Ромул, кај нас познат како Рим. Оформен како монархија и управуван од крал, во постојана борба со соседите и само четири години мир во неколку века, градот Рим до петтиот век ќе се издиге како најголем и највлијателен фактор на целиот Италски Полуосторов. Но, традицијата говори дека суровоста на нивните кралеви ќе го претворат Рим во Република која набрзо ќе ја промени сликата во тогашниот познат свет.

Брзото издигнување на градот Рим од мал незначителен град покрај бреговите на реката Тибар, до воена Република која го контролирала целиот Апенински Полуостров, ја повлекло нужноста од понатамошно ширење и елиминирање на економската конкуренција. Условите, практичноста, посветеноста, ефикасноста и гордоста на фамилијарното име допринела веќе до II век п.н.е. Римската Република да го освои поголемиот дел од западниот Медитеран, но бисер на нивниот успех претставува покорувањето на славното Македонско кралство во 168 и 148 год. п.н.е. Овој успех ќе им ги отвори патиштата за освојувања на исток, исполнувајќи го градот со големи богатства и културни достигнувања, но пред се’ освојувајќи си го приматот на неоспорно најмоќниот фактор во античкиот свет.

Во наредните векови оваа моќна Република ќе се трансформира во најголемата светска Империја позната во човековата историја, која ќе се простира на три континента, а ќе го опфати целиот Медитеран, скоро целата Европа и половина од британскиот остров, опстојувајќи неверојатни 12 века. Преку личности како Гај Јулие Цезар, Октавијан Август, Нерон, Тит, Трајан, Хадријан итн., но и со својата улога во почетоците на христијанството, таа ќе остане запаметена во вечноста како пример за сите подоцнежни Империи и денешни сојузи. Сепак, истата варварски ќе згасне во 476 год н.е. продолжувајќи колективно да живее преку Источнaта Римска Империја, подоцна наречена Византија.

Универзалните вредности кои Рим им ги донел на своите жители, комплетно го смениле античкиот начин на живеење. Воената и организациската надмоќ на Рим во однос на сите свои современици, придонела за мир и стабилност на сите негови територии овозможувајќи мирен римски живот во котлините, во големи, пред се’ економски центри т.е. градови. Римското урбано живеење добило нова димензија со унифицирани глобални вредности како монетарен систем, образование, култура, јазик, медицина и јавна хигиена, но не нарушувајќи ги старите вредности т.е. традиција, вера, јазик и обичаи.

Набргу, мирниот живот допринел за нагло зголемување на бројот на жителите по градовите, развивајќи го занаетчиството и истакнувајќи ја потребата од нови импресивни, поголеми јавни градби и нивно стабилно снабдување со питка вода, меѓу кои храмови, форуми, јавни бањи, театри, арени; сите популарни места за дружење, опуштање, масажа и деловни договори; сите изградени со еден тогаш помалку познат материјал – бетон (оснoва на сите денешни градби).

Иако официјално поранешното кралство на Македонија било под римска управа уште во II век п.н.е. и имала главна улога во првата римска граѓанска војна, сепак досегашните истражувања на тлото на денешна Македонија укажуваат дека полното урбано римско влијание во Македонија, ќе се достигне дури во I-II век н.е., откако безбедносно ќе се стабилизира ситуацијата на Балканот, што секако се должело и на новите проширени и поплочени комуникации како најпознатата Виа Егнација, која ќе биде обележана на сите светски антички карти.

Брзото и слободно движење на трговијата, војската и населението, освен нови идеи, техники и технологии, ќе донесат и бројни „нови“ култови, пред се’ египетски и персиски, но и христијанството, кое иако прво осудувано и сурово казнувано, до пропаста на Рим, истото ќе биде прогласено за единствена признаена државна религија во целата Империја.

Големите магистрали го олесниле и забрзале движењето на луѓето, стоките и идеите. За кратко време македонското стопанство ќе закрепне и ќе се стабилизира. Тоа ќе доведе до истакнување на т.н. „урбана елита“ и воени ветерани кои ќе се издвојат со својот имот, раскош и луксузни предмети, живеејќи во богати украсени градски куќи или вили како онаа на локалитетот Стакина Чешма во Валандово, надвор од добро познатите наши градски центри како Скупи, Стоби, Хераклеа, Стибера, Марвинци.

Археолошки музеј на Република Северна Македонија во својата постојана поставка ги обедини скоро сите најрепрезентативни и уникатни римски артефакти од целата Македонија, освен од римскиот град Скупи. Така, со повеќе од 250 изложени артефакти целосно е реконструиран секојдневниот живот на жителите во Римската Империја, нивните верувања, стравови, накитот, луксузот, но и фунерарни (посмртни) предмети кои го чувале покојникот во задгробниот живот.

Покрај комплетно реконструираната постхумна ритуална кочија, римскиот оддел при музејот е посебно горд на неколку ретки примероци на артефакти во светски рамки кои за прв пат се презентираат кај нас. Тука се вбројуваат бронзената аутепса (самовар), богатата колекција на мали разнобојни стаклени шишенца, теракотните фигурини „Афродита со јаболкото на Парис“ и „Танчерка со чинели“, постхумната теракотна детска играчка „Коњаници“, како и трите дрвени богато украсени кутиички за козметика/медикаменти – сите стари повеќе од 18 века.

м-р Клековски Јане, кустос советник за римски период