“Archaeology in progress” Vol.3

  • Post category:Настани
  • Reading time:1 mins read

На 27 октомври, 2017, во 19 часот, во НУ Археолошки Музеј на Македонија ќе се отвори третата по ред изложба на работни археолошки фотографии под наслов “Archaeology in progress” Vol.3, во организација на Институтот за Археолошки Истражувања – Скопје. Целта на оваа изложба е да се промовира археологијата преку фотографии од археолошките истражувања на локалитетите низ Република Македонија и Европа.

Во изложбата учествуваат фотографии од археолози, студенти по археологија од земјава и странство, фотографи, но и од љубители на археологијата и фотографијата кои учествувале на археолошки истражувања. За организирањето на оваа изложба Институтот за Археолошки Истражувања објави конкурс, а од пријавените ќе се одберат 30 најдобри фотографии, кои ќе бидат претставени на изложбата во Археолошкиот музеј на Македонија. Со помош на стручното жири во состав: Кристијан Тодоров (професионален фотограф) и Ѓорѓи Трпевски (фотограф и камерман во МРТВ), како и со гласање на Facebook страницата на Институтот, ќе се одберат три најдобри фотографии за кои ќе бидат доделени симболични награди.

Од првото промовирање во 2012 година до денес оваа изложба доби и меѓународен карактер, а заради се поголемиот интерес што го привлекува има за цел да стане и традиционална. Проектот е финансиран од Националната програма за култура за 2017 година на Министерството за Култура на Р. Македонија, а е поддржан од НУ Археолошки Музеј на Македонија.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите на НУ Археолошки Музеј на Македонија до месец декември.