18 мај- Меѓународен ден на музеите 2017

Интернационалниот ден на музеите, во светот од 1977 година па се до денес традиционално се организира на 18 мај. До сега во 145 земји од светот музеите го слават овој ден, а приклучени се и музеите од Република Македонија. Всушност овој ден ни дава посебна можност да ја подигнеме свеста за тоа колку се важни музеите и културното наследство за развивање на едно општество.
Оваа година, темата која ја пропишува Меѓународниот совет на музеите (ICOM) и која важи за сите земји за 2017 год. носи наслов „Музеите и спорните истории – кажувајќи го неискажливото во музеите“ (Museums and contested histories: Saying the unspeakable in museums).
Веќе третта година по ред, Археолошкиот музеј на Република Македонија активно го одбележува овој ден, а оваа година акцентот е ставен на најмладите, кои ќе имаат можност да се стекнат со знаење за археологијата, археолошките локалитети и артефакти пронајдени на територијата на Република Македонија.Преку настанот насловен како „Запознавање со археологијата“, целта е уште од најрана возраст да се развие свеста кај нив за посета на вакви институции, а преку игра да им бидат пренесени основните информации за богатото културно наследство.
„Ние како институција од ваков тип се надеваме дека во иднина најмладите ќе бидат нашите најчести посетители. Сепак на нив останува да го негуваат културното наследство, а на нас да им пренесеме дека тоа е всушност непроценливо. Да не заборавиме дека тие се нашата рефлексија“- изјави за настанот директорката Честоева
На овој ден поканети гости беа учениците од прво одделение од ООУ “Коле Неделковски” од Скопје.