Отворена изложбата – „Накитот низ вековите од Р. Македонија“

Почитувани,

Денес во просториите на НУ Археолошки музеј на Македонија по повод Меѓународниот ден на жената, 8 ми март, беше отворена изложбата „Накитот низ вековите од Р. Македонија“ која што го представува еволутивниот развој на накитот кој бил изработуван и носен низ вековите, а бил откриен со археолошките ископувања вршени седумдесеттина години наназад на тлото на Р. Македонија.

Несомнено, накитот бил присутен низ столетијата наназад во речиси секое човеково живеење носејќи ги во себе карактристиките за периодот кога е создаден, истовремено следејќи ги технолошките достигнувања и модните трендови, но воедно изразувајќи ја моќта и статусот на носителот.

Презентираните артефакти претставуваат сведоштво за културниот континуитет и идентитет, уметничките тенденции и иновативниот духна луѓето кои егзистирале на оваа територија од времето на праисторијата, од околу 7.000 години п.н.е. до крајот на 20-тиот век н.е. или поточно скоро 9.000 години континуитет.

Изложбата ја одсликува креативноста и инвентивноста на старите мајстори и тогашното богатство, модните трендови и верувањата на секој историски период одделно. Изложбата започнува со најстарите времиња кога луѓето за прв пат ја открила тајната на упоптребата на бронзата-легурата што тотално ќе го смени тогашниот начин на живот. Тогашната владетелска елита ќе започне да носи бронзен накит, кој ги обележал тогашните потреби, модни трендови и тотемските (животински) верувања од тој период.

Оваа изложба веќе беше презентирана во Софија, Р. Бугарија во 2015 година во МКЦ, и Њујорк, САД во 2016 година привлекувајќи големо внимание и интерес во земјава и странство.
Со цел да излеземе во пресрет на македонската јавност, од денес 08.03.2017 година истата ќе може да се види и во Археолошкиот музеј на Македонија Скопје.

НУ Археолошки музеј на Македонија