Тркалезна маса под наслов „Што е музеј? – нова музејска дефиниција“


На 24.05.2018 година (четврток) со почеток во 10 часот, во НУ Археолошки музеј на Македонија, ќе се одржи Тркалезна маса под наслов „Што е музеј? – нова музејска дефиниција“. Организатори на Тркалезната маса се Регионалната Алијанса на ИКОМ за Југоисточна Европа (RA ICOM SEE) и Здружението Македонски национален комитет на Меѓународниот Совет на Музеите (МНК ИКОМ). „Дефиницијата за музеи на ICOM функционира како заедничка основа за музеите ширум светот. Долги години остана во голема мера непроменета, а ИКОМ во моментов разговара дали е време да се ревидира текстот на дефиницијата…“. Согласно препораките од Секретаријатот на ИКОМ, на тркалезната маса ќе се дискутира за иднината на музеите, односно за новата дефиниција за музеј, а ќе присуствуваат претседателката на RA ICOM SEE, Горанка Хорјан и членовите на Бордот на RA ICOM SEE и учесници од различни земји од регионот.
По одржаното Советување „Хиперповрзани музеи: нови пристапи, нова публика“, кое се одржа во Демир Хисар на 16.05.2018 година и Доделувањето на наградата „18 Мај – Меѓународен ден на музеите“ на 18.05.2018 во Скопје, овој настан е трет во низата од повеќе активности за 2018 година со кои МНК ИКОМ го одбележува 25 годишниот Јубилеј од своето основање, а се поддржани од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Тркалезната маса е дел од активностите во рамките на Програмата по повод манифестациите 18 Мај – Меѓународниот ден на музеите и 19 Мај – Европска ноќ на музеите во Република Македонија