Реакција

ШТО Е АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ?

Како стручен кадар, кој работи во НУ Археолошки музеј на Македонија повеќе од 20 години, би сакале да испратиме неколку пораки и реакции до јавноста испровоцирани од неколкуте настани, меѓу кои последната расправа за Нацрт-Националната стратегија за културен развој во Република Македонија за периодот 2018-2023 година, „пожарот во НУ Археолошки музеј на Македонија“ и особено од вчерашното интервју на г-ѓа Оливера Трајковска со министерот за култура г-дин Роберт Алаѓозовски, во кое Трајковска констатира „дека… ‘нешто’ вредно сместија таму, главно горе-доле тоа се имитации на тоа што треба да содржи еден археолошки музеј“!!!

Прво, би сакале да ѝ објасниме на целата јавност, вклучувајќи ја и г-ѓа Оливера Трајковска, дека изложбената поставка на Археолошкиот музеј на Македонија презентира движно културно наследство, поточно околу 5.500 археолошки предмети откривани со археолошки истражувања на целата територија на Р. Македонија во текот на изминатите 93 години од формирањето на првиот Археолошки музеј во Скопје, во 1924 година. Постоечките закони за култура и за заштита на културното наследство го регистрираат најголемиот дел на овој фонд како КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО од особено значење. Оттаму, Археолошкиот музеј на Македонија не е „новоформирана“ институција, бидејќи е наследник не само на археолошки фундус од преку 10 000 оригинални археолошки предмети, туку и на целиот стручен кадар кој беше превземен од претходната институција НУ Музеј на Македонија меѓу кои има и четири доктори на науки и девет магистри по археологија.

Второ прашање на кое сакаме да обрнеме внимание е просторот во и околу зградата во која е сместен Археолошкиот музеј. Од самиот почеток на нашето работење во новата зграда на НУ Археолошки музеј на Македонија – укажувавме на пропусти во проектирањето на просторот околу музејот, особено во случај на пожар, земјотрес и/или други катастрофи. Имено, до влезот на зградата на националниот Археолошки музеј нема пристап за противпожарно возило. Ширината на единствениот влез е под сите стандарди за музејски објекти, а постоењето на само еден влез во музеј од ваков калибар е уште една нејасна проектантска егзибиција. Тоа пак што зградата на музејот ја делат три институции од подеднакво голема важност, е преседан од светски размери. Во многу наврати зборувавме за овие теми, но очигледно нашите зборови воопшто не допираат до надлежните инстанци.

Девалвирањето на нашето стручно мислење при формирањето на новата поставка на Археолошкиот музеј во 2014 година, преку игнорирањето на сите наши укажувања и писмени реакции за сите аномалии со кои се сретнавме во новата зграда, доведе до многу дополнителни проблеми поради кои посетителот добива сосема погрешен впечаток за она што се претставува. Изведувањето на ентериерот беше врв на аматеризмот на претходниот состав на министерството – го осмислуваа и изработуваа луѓе кои никогаш немале допирна точка со музеологијата и како природен след на тој факт, покажуваа крајна ароганција во ретките средби кои ги имаа со кустосите. Со болна иронија и црн хумор ние велиме дека сме единствен музеј кои има „паркет на таваните“ низ поставката.

Она што го потенцираме е дека со ентериерното уредување на Археолошкиот музеј беше направена голема штета преку нерационално потрошените финансиски средства, со тоа што акцентот беше токму на ентериерот и фасадата, а не на самото археолошко културно наследство изложено во музејот. Она што би сакале да го истакнеме како стручни лица – кустоси е важноста на ова ИСКЛУЧИТЕЛНО културно наследство, како за нашата држава, така и во рамки на светското културно наследство, но и да укажеме на потребата Министерството за култура, а со тоа и на државата, да обезбеди и обрне внимание во какви услови тоа е сместено, се чува и изложува. Археолошкото културно наследство МОРА да биде сместено во соодветни услови. Поради сево ова, го повикуваме Министерството да направи анализа на целокупниот проект и доколку е потребно, да побара одговорност, затоа што веќе после три години од отворањето има проблеми со инсталациите во зградата. Грижата за предметите во овие несоодветни услови останува првенствено и секојдневно наша, за која според законските нормативи кустосите имаат и кривична одговорност, но тоа е проблем и на сите граѓани, бидејќи културното наследство е темелот врз кој се гради куќата наречена држава.

Обидувајќи се да останеме во границите на пристојноста, зачудени сме од фактот дека кога ќе се спомене Археолошкиот музеј сите обрнуваат внимание само на копијата на Александровиот саркофаг и на „највредните“ дела во музејот (според тогашната гарнитура во Министерството за култура) – уметничките слики на платно и восочните фигури, кои се најголемиот срам за нашата музејска поставка и за нас како стручни лица, а кои беа нарачани и испорачани преку „експертскиот“ инвеститор и никнуваа низ поставката како печурки после дожд.
За значењето на Археолошкиот музеј како институција и за археолошките предмети е апсурдно и беспредметно воошто да се дискутира. Oттаму цврсто стоиме на ставот дека во Националната стратегија би требало да се разгледуваат условите и проблемите со кои се соочуваме како институција и да се обрне внимание на нашите сугестии како стручни лица за нивно решавање. Се надеваме дека оваа реакција ја појасни улогата и значењето на Археолошкиот музеј како институција со преку 10.000 оригинални археолошки предмети од кои голем број се ексклузивни во светски размер.

Со почит,
НУ Археолошки музеј на Македонија