ПРОМОЦИЈА НА ВОДИЧ НИЗ ПОСТОЈАНАТА АРХЕОЛОШКА ПОСТАВКА

На 24.01.2017 година, во просториите на НУ Археолошки музеј на Македонија, свечено е промовирано изданието Водич низ постојаната археолошка поставка. Како проект на НУ Археолошки Музеј на Македонија и дел од Годишната програма за 2016, а финансиски подржан од Министерството за Култура, во присуство на медиуми и бројни поканети гости, воведен говор одржаа директорката на музејот Весела Честоева и министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска, додека промотор на водичот беше проф. д-р. Елизабета Димитрова.

– Овој Водич, претставува првиот археолошки Водич во самостојна Република Македонија на нашата најголема музејска Установа во државата, т.е. првиот, по нешто повеќе од 40 години. Во него, илустративно и текстуално се презентирани сите најекслузивни македонски археолошки наоди од целата територија на Република Македонија, пронајдени во последните 70 години со археолошките истражувања низ целата држава, а денес со гордост, изложени во новиот Археолошки музеј на Македонија, отворен во 2014 година – рече директорката Честоева. Таа објасни и дека Водичот претставува модерно и атрактивно издание на 128 страни, прв од ваков вид во Македонија, кој во целост ги следи сите светски стандарди за ваквите изданија. Затоа, тој има практичен формат и изработка кој ги содржи сите неопходни информации за Музејот, неговата историја, постојаната поставка, просторот со кој располага и работи, маркетингот и едукативната работилница. Истовремено, неговата едноставност го прави достапен за сите возрасти и категории, па истиот во иднина ќе најде примена во идните едукативни програми. Во него се опфатени експонатите од Палеолитот, Неолитот и Енеолитот; Бронзеното и Железното време; Класичниот, Хеленистичкиот и Римскиот период; Доцната антика, Средновековниот и Османлискиот период.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на промоцијата истакна дека Водичот е значајно двојазично издание и убава можност секој посетител на Археолошкиот музеј да се запознае со импресивната музејска поставка која, како што рече, е археолошка панорама на нашето минато, на креативниот континуитет, на цивилизациските придобивки и на творечките дострели на предците од далечните столетија на нашата културна историја

– Водичот илустративно и текстуално, претставува сублимат на постојаната поставка на Археолошкиот музеј на Македонија, преку кој е раскажана приказната за животот на минатите цивилизации кои егзистирале на нашите простори низ сите археолошко-историски периоди. Водичот го движи посетителот низ постојаната поставка на Музејот, детално појаснувајќи ги предметите и истовремено истакнувајќи ги уникатните и најекслузивните откритија на Македонија, рече Канческа-Милевска.
Отпечатен во „Винсент графика“, Водичот содржи повеќе од 200 професионални фотографии дело на фотографите Александар Ѓоргиев и Владо Кипријановски и преку графичкиот дизајн на Петар Петренко, се прикажани сите наши најзначајни археолошки откритија на Македонија – благодарност на соработниците , заводите и музеите од републиката, како и авторскиот труд на кустосите и редакцискиот одбор при археолошкиот музеј, изразија директорката Честоева и министерката Канческа- Милевска.
Прекрасен приказ на содржините и значењето на водичот како издание на НУ Археолошки музеј, даде професорката д-р Елизабета Димитрова како промотор на истиот:

– Од матријархалната чулност на Големата богинка Мајка и плотната екстатичност на тетовската Менада, преку рафинираната еротичност на античките скулптури и жестокиот, страсен и драматично интониран иконографски код на погребните винички теракоти, до гламурозната филигранска деликатност на златниот накит од Горно Оризари, систематски се презентирани типолошките обележја и хронолошката дисперзија на археолошкиот материјал на страниците на оваа солидно организирана и мошне корисна публикација. Синтетизирани на начин кој ја рефлектира идејната тематска конфигурација и визуелната институционализација на артефактите во изложбените поставки на Археолошкиот музеј, основните податоци за мошне репрезентативниот фонд на вредни наоди на страниците на овој Водич имаат карактер на упатство и предизвик, на импулс и мотивација, на порив и инспирација. Рационално конципиран и визуелно ненаметливо организиран, прегледно компониран и соодветно содржински структуриран, Водичот низ постојаната поставка на Археолошкиот музеј на Македонија ќе биде пригодно портфолио за форматот и дејноста на оваа институција од репрезентативен национален карактер.
На македонски и англиски јазик, овој водич ќе се продава во сувенирницата на НУ Археолошки музеј на Македонија.