ОТВОРАЊЕ НА ИЗЛОЖБАТА „НЕКРОПОЛИТЕ НА МАЛИ ДОЛ“

ПРОМОТОР: ПРОФ. Д-Р ДРАГИ МИТРЕВСКИ
КУРАТОР: Д-Р АЛЕКСАНДРА ПАПАЗОВСКА САНЕВ
УРЕДНИК: АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА
ВЕСЕЛА ЧЕСТОЕВА – ДИРЕКТОР

Изложбата претставува резултат од шестгодишните истражувања на локалитетот Мали Дол во селото Тремник кај Неготино, кои се одвиваа под раководство на Археолошкиот музеј на Македонија во соработка со Музеј на град Неготино и Филозофскиот факултет од Скопје, а под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија.
Археолошките истражувања беа со заштитен карактер и се одвиваа на еден мошне ограничен простор, ограден со градинарски култури и винова лоза. Со истражувањата се откриени вкупно 60 погребувања кои припаѓаат на два хоризонти на погребувања. Првиот хоризонт се датира во преодниот период од бронзено во рано железно време, односно XII век – XI век пред н.е., а вториот во периодот на средниот век, т.е. во XI-XII век.
Материјалните остатоци, гробните форми, ритуалот на погребувањето констатирани во гробовите од постариот хоризонт на погребување претствуваат одлична илустрација за случувањата во периодот на преод од бронзено во железно време, и се од особено значење за предисториската археологија на Република Македонија. Реупотребата на постарите гробови, како и користењето на овој простор како свет, се до средниот век го илустрира значењето и посебното место кое локалитетот Мали Дол го има во македонската наука и археологија воопшто.