Отворање на изложбата на уметнички фотографии „Киевско-Печерскиот манастир – Светилишта на Украина“

На 22 мај, во просториите на НУ Археолошки музеј свечено е отворена изложбата на уметнички фотографии „Киевско-Печерскиот манастир – Светилишта на Украина“. Самата изложба е во организација на Амбасадата на Република Украина во Македонија и во соработка со Министерството за култура. Изложбата ја отвори директорката на музејот Весела Честоева, додека амбасадорот на Р.Украина – Ростислав Палагусинец, даде историски вовед за прочуениот манастирски коплекс на фотографиите, а исто така изрази голема благодарност до НУ Археолошки музеј како домаќин на истата.
Директорката Честоева истакна дека:
-„Вечерашната изложба „Киево-Печерскиот манастир– Светилишта на Украина“ претставува живописен преглед на најпознатите цркви и манастири содржани во овој значаен манастирски комплекс, кој е културно добро впишано во листата на заштитено материјално културно наследство на УНЕСКО. Пред нас се наоѓа една скапоцена ретроспективна збирка од 30 уметнички фотографии, каде на автентичен и уникатен начин е прикажано културното и духовното наследство на Украина, кое претставува силен симбол на препознативост на оваа земја во меѓународни рамки. Оваа вредна изложба со својата квaлитативна суштина и визуелниот раскош на фотографиите на најдобар начин го потврдува растежот на творечките дострели на уметниците кои твореле во еминентен центар на православието во источна Европа. Тоа е сосема видливо на овие прекрасни панорами на кои неповторливите природни убавини се во совршена хармонија со сето непроценливо културно наследство кое го создале украинските градители. Овие дела се сведоштво за виртуозноста, за генијалноста на творците и за уметничките дострели на украинскиот народ кој на човештвото во наследство му остави вредни аргументи за цивилизациските дострели. Верувам дека оваа изложба во деновите што следат, за македонските граѓани ќе биде голема провокација да дојдат во Археолошкиот музеј и преку претставените фотографии да отријат автентични делови од главните обележја на Украина, од она врз што почива идентитетот на украинскиот народ.“

Изложбата во музејот ќе биде отворена цел месец до 22 јуни и посетителите ќе можат бесплатно да ја посетат.