Археолошка конференција во музејот 23.12.2015

Овој настан е прв собир на македонските археолози кои го истражуваат неолитскиот период и имаат добиено значајни резултати кои што произлегуваат од теренските ископувања, обработката на музејскиот материјал или кабинетските проучувања. Со оглед на тоа што најголем дел од овие резултати остануваат непубликувани, а научните средби меѓу археолозите се мошне ретки,  се организира конференцијата „Неолитот во Македонија“ на која се презентираа сознанијата поврзани со неолитските локалитети и материјалната култура од овој период. На овој настан учествуваа десетина македонски археолози кои што говореа за почетокот и крајот на неолитот, новите видувања на неолитските фази, рекогносциратата и датирањето во пелагониската котлина и нејзината околина, ревидирањето на локалитетите во Охридско, примената на протоматематиката, ископувањата на населбите во Овче Поле и Скопско, анализите на камените, керамичките и коскените алатки, како и за континуитетот на неолитските предмети во останатите предисториски периоди.