Меѓународен научен симпозиум за локалитетот КОКИНО

На 24.06.2016, во просториите НУ Археолошки музеј на Mакедонија се одржа првиот ден од дводневниот меѓународен научен симпозиум со наслов “Кокино – археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства“. Под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија, а во соработка со Музеј на Куманово, Филозофскиот Факултет и Катедрата за Историја на уметност и Археологија и Природнонаучниот факултет и Катедрата за Физика, овој настан е по повод јубилејните 15 години од почетокот на првите археолошки истражувања на локалитетот „Татиќев Камен“, денес познат како археоастрономски локалитет Кокино.

На отворањето се обратија заменик министерот за култура-Драган Недељковиќ, директорот на НУ Археолошки музеј на Македонија-Весела Честоева, проф д-р Драги Митревски- Катедра за Историја на уметност и Археологија при Филозофскиот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје
„Кокино како археолошки и астрономски локалитет, идентификуван како обреден простор од бронзеното време и астрономска опсерваторија од истиот период, засега е единствена појава на Балканот, но претставува реткост и во Европа и токму затоа заслужува да биде предмет на меѓународно вреднување и да биде ставен под соодветен траен режим на заштита.

Затоа со одлука на Владата на Република Македонија, локалитетот Кокино е прогласен за културно наследство од особено значење, во подкатегоријата исклучително значење.“- изјави на обраќањето заменик министерот за култура Драган Недељковиќ
„Археолошките истражувања на локалитетот Кокино континуирано се одвиваат веќе 15 години, па токму поради тоа оваа јубилејна година се организира оваа меѓународна конференција, со единствена цел да се споделат искуствата и парaлелите преку еден археолошко-астрономски аспект.“- истакна директорката на музејот -Весела Честоева

За целите на симпозиумот поставена е и изложба составена од 26 фотографии, под наслов „Кокино – мистичен шепот низ вечноста“ на познатиот уметнички фотограф Љупчо Илиевски, која што наредните две недели ќе може да се посети во просториите на археолошки музеј.

Научниот одбор за овој симпозиум, составен од проф д-р Горан Хенриксон од Универзитет во Упсала, Шведска,проф д-р Валерија Фол од Бугарската Академија на науките, д-р Александар Булатовиќ од Археолошкиот институт на Р.Србија, проф д-р Драги Митревски – од катедрата за Историја на уметност и Археологија, на Филозофскиот факултет, Р. Македонија, како и проф д-р Олгица Кузмановска – од Институтот за физика при Природно – математичкиот факултет, Р. Македонија, заедно со останатите еминентни научници од областа на археологијата, археоастрономијата и астрономијата зборуваа за своите научни обсервации во овие области и поврзаноста со Кокино.

Научната дебата заврши според прогамата во 17.30.часот, со организирана музејска тура за гостите низ поставката на НУ Археолошки музеј на Македонија.

Симпозиумот на 25.06. 2016 продолжи со програмата во Куманово, каде во НУ Музеј Куманово беше отворена и археолошката изложба „Кокино – тврдина на Сонцето“

kokino         Programa_kokino