Захи Хавас во посета на Археолошкиот музеј на Македонија

Денеска светски познатиот археолог Д-р Захи Хавас во рамки на регионалната посета , а по повод празнувањето на Денот на Балканските Египќани заедно со М-р Нурелдин Мухамед Ахмед Мамуд ЕлТамиму, член на високиот Совет за култура на Египет и Мухамед Ел Саид, новинар вработен во Daily New Egypt од Каиро, Египет, го посетија и Археолошкиот музеј на Македонија.

Гостите беа пречекани од В.Д. Директорот М-р Горан Санев кој лично им ја презентираше постојаната поставка на музејот. Д-р Захи Хавас беше посебно импресиониран од тоа што збирката на археолошкиот музеј е целата добиена преку археолошките истражувања на територијата на Р.Македонија.

Д-р Захи Хавас е високо почитуван археолог, египтолог, поранешен генерален секретар на Високиот Совет за антиквитети и прв Министер за антиквитети во Египет. Својата кариера ја градел и како професор по Египетска археологија, историја и култура на Американскиот Универзитет во Каиро и Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, а потоа бил назначен за главен инспектор на платото на пирамидата Гиза.

Тој е познат и по неговите успеси за враќање на дел од културното наследство на Египет кое било изнесено нелегално.

Во последните неколку години го привлекува светското медиумско внимание со неговите појавувања на National Geographic channel, Discovery channel, The History channel во документарните емисии кои се посветени за старата египетска цивилизација. Исто така зад себе има многубројни издадени книги “Проклетство на фараоните”, “Скриените богатства на Антички Египет”, “Кралот Тутанкамун”… и тековно е колумнист за магазинот Египет денес.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ