БИБЛИОТЕКА ВО АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА


Со особено задоволство Ве известуваме дека на 18.05.2018 год., во 12 часот, НУ Археолошки Музеј на Македонија ќе одржи свечена промоција на новите простории на најстарата и најголемата специјализирана археолошка библиотека во Р.Македонија.
Фондот на библиотеката кој брои преку 6000 книги (со преку 20.000 стручни и научни трудови од домашни и странски автори), е создаван во текот на 57 години од формирањето на првата библиотека при Археолошкиот Музеј во 1961 година и особено од 1977 до 2010 год., кога оваа библиотека била во состав на библиотеката на Музејот на Македонија во Скопје. Меѓу бројните книги се и многу ретки изданија, објавувани од почетокот на 20 век, а најстарото од нив потекнува од 1881 година.
Повеќегодишната пауза во работата на библиотеката, од речиси 10 години, сериозно се одрази врз меѓубиблиотечната размена на Музејот и особено врз обновата на фондот. Благодарение на несебичниот придонес на музејските институции во Р. Македонија и странство, како и со лични донации од нашите колеги, овој хијатус ќе биде надминат, а библиотеката на Археолошкиот музеј ќе продолжи да биде јадрото на податоци за многу идни истражувања и генерации истражувачи.