Археолошка конференција „Неолитот во Македонија II“

Центарот за истражување на предисторијата – ЦИП во соработка со НУ Археолошки музеј на Македонија, на 25.11.2016 ја одржа втората археолошката конференција „Неолитот во Македонија II“ реализирана во просториите на музејот.Ова е второ издание на конференцијата посветена на резултатите од истражувањата на неолитските локалитети и материјалната култура во Македонија и нејзината околина. На овогодишната конференција учествуваа повеќе археолози од Македонија и странство и ги презентираа своите истражувања поврзани со рекогносцирањата на неолитските локалитети во Скопскиот и во Пелагонискиот Регион, систематизацијата на хронологијата врз база на новите C¹⁴ анализи, објектите од лепеж крај печките, протоматематиката применета во изработката на материјалната култура, континуитетот на моделите на куќи, палеоботаничките анализи на органски примероци, примената на ГИС при израбоката на дигитална топографија на локалитетите, како и 3Д моделирањето на тумбите. Во неколку излагања акцентот беше и на врските меѓу неолитските локалитети во Македонија и Бугарија и тоа особено на оние што комуницирале по долината на реката Струма.
Во рамки на конференцијата се промовира и зборникот „Неолитот во Македонија: нови перспективи и сознанија“ кој што е резултат од минатогодишната конференција и рефератите презентирани во неа. Уредници на зборникот се Љубо Фиданоски и Гоце Наумов и во него се вклучени 11 научни трудови поврзани со најновите истражувања на неолитските локалитети и материјалната култура.
Како вовед во конференцијата на 24.11.2016 се одржаа предавањата на реномираните бугарски колеги проф. д-р Васил Николов и доц. д-р Крум Бачваров од Националниот институт за археологија при Бугарската академија на науките и тоа:
– „Провадија – Солницата: предисториски градски и стопански центар за производство на сол“
проф. д-р Васил Николов
– „Нова Надежда: предисториска и протоисториска населба на брегот на Марица“
доц. д-р Крум Бачваров
На 25.11.2016 конференцијата ја отвори директорката на НУ Археолошки музеј на Македонија – Весела Честоева

– ПРОГРАМА –

25.11.2016
Археолошки музеј на Македонија

10:00 – 10:20
Воведен говор
Презентација на активностите на Центарот за истражување на предисторијата
Промоција на зборникот „Неолит во Македонија: нови сознанија и перспективи“

10:20 – 10:40
Игор Толевски
Фондација Кирил Трајковски
Иван Станчевски
Археолошки музеј на Македонија
Неолитски населби околу Катлановско Блато

10:40 – 11:00
Крум Бачваров
Археолошки институт и музеј – Софија
Васил Николов
Археолошки институт и музеј – Софија
Неолитот во долината на Струма: населбата Мурсалево – Девебоаз (VI милениум пр.н.е.)

11:00 – 11:20
Гоце Наумов
Музеј на Македонија
Систематизација на неолитската хронологија во Македонија

– дискусија и пауза –

12:00 – 12:20
Васил Николов
Археолошки институт и музеј – Софија
Десислава Такорова
Археолошки институт и музеј – Софија
Слатина – Софиja во контекст на Струмскиот ранонеолитски пат

12:20 – 12:40
Никос Чаусидис
Филозофски факултет – Скопје
Намена на објектите од лепеж лоцирани покрај печките во неолитските куќи од Македонија

12:40 – 13:00
Љубо Фиданоски
Музеј на град Скопје
Протоматематика во македонскиот неолит (II)

13:00 – 13:20
Александар Миткоски
Н.У.Завод и Музеј – Прилеп
Модели на куќи од времето на енеолитот од подрачјето на прилепскиот дел на Пелагонија и Мариово

– дискусија и пауза –

14:00 – 14:20
Александар Мургоски
Филозофски факултет – Скопје
Невенка Атанасоска
Центар за истражување на предисторијата
Археолошки локалитет Ѓумушица

14:20 – 14:40
Јаромир Бенеш, Гоце Наумов, Тереза Мајеровичова, Вероника Комарова, Кристина Климешова, Јаромир Коварник и Михаела Вихронова
Универзитет на Јужна Бохемија и Центар за истражување на предисторијата
Палеоботанички анализи на неолитската тумба Врбјанска Чука во Пелагонија: резултати од првата чешко-македонска археолошка летна школа во 2016 година

14:40 – 15:00
Ѓоре Милевски
Центар за истражување на предисторијата
Примена на ГИС кај неолитските тумби: изработка на висински модел на Врбјанска Чука, с. Славеј

15:00 – 15:20
Ивица Стоимановски
Музеј на Македонија
3Д моделирање на неолитски тумби во Пелагонија

– Дискусија и затворање на конференцијата –