Одделение за средновековна археологија и османлиски период

Одделот за средновековна археологија во НУ Археолошки музеј на Македонија, како што тој се нарекува во моментот, го представува највиталниот период во социјалниот и историски развиток на човековото општество кога случувањата се менуваат и историски се следат не повеќе во милениуми и векови, како во постарите култури, туку во децении, години и месеци. Историските периоди кои се предмет на проучување во рамки на Одделот и представување во рамки на соодветниот дел од експозицијата во овие глобални временски рамки, темелно испреплетени со фазите на културен развиток, го покриваат најдинамичниот со историја, политика, администрација, религија, материјална и духовна култура, сегмент од човековото битисување. Одтука потекнува и неговата детална разгранетост на периоди: рановизантиски, раносредновековен, зрел византиски период, доцносредновековен и османлиски период, секој од нив покриен со својата посебност, идентитет и интегритет. Во тој смисол суштински важна е еманципацијата на поединецот и неговата активна улога во секојдневното живеење, ангажираноста во регионалните стопански, трговски, воени, социјални, верски и културни случувања, прожнеани од амбицијата да се биде креатор на сопствениот и општиот просперитет. Одтука оваа иманентна активност на човекот, богато документирана низ пишаните извори и следена низ археолошките траги, е неопходно да биде представена низ широк пресек на разнородни форми, пред се во рамки на глобалните историски периоди, а потоа и низ суптилните културни манифестации дефинирани со обележјата на материјалната и духовната култура.