Античките мозаици од Равена

25.10.2014 – 04.02.2015

Колекцијата од верни копии на античките мозаици, кои се нераздвоен дел од монументалните градби во Равена е изработена во почетокот на 50-тите години на XX век со цел светот да ја запознае Равена и нејзините бесценети мозаици.

Мозаиците од оваа изложба се копии на оригинали од Мавзолејот на Гала Плачидија, базиликите Св. Витале, Св. Аполинариј од Класе и Нов Св. Аполинариј, крстилницата на Неон и Архиепископската капела. Изложбата нуди единствена можност да им се восхитуваме на детаљите од близу, со видливост која не би била достапна за голо око доколку би се гледале оригиналите во живо.

Равена е чувар на најбогатото светско наследство на антички мозаици од V и VI век, поголемо – според уметничката вредност и иконографската важност – дури и од вкупното наследство на мозаици на сите градови на античкиот и класичниот свет, како на исток, така и на запад. Мозаикот како уметничко изразување својот највисок стадиум го достигнал токму во Равена. Во мозаиците од Равена се родила христијанската иконографија – испреплетеност на реализам и симболизам, на римски и византиски влијанија, појдовна точка во историјата на уметноста.

Во последните педесет години различни селекции на овие дела кои се сопственост на градот Равена, се изложени ширум европските градови и во светот, а сега, за прв пат во Скопје имаме можност да ги видиме најценетите 25 дела, конечно пристигнати во родната земја на императорот Јустинијан кој воедно бил и инспирирачка фигура за создавањето на истите.

Изложбата е организирана од Општина Равена, Амбасадата на Италија во РМ,  Министерството за култура на РМ и Археолошкиот музеј на Македонија.